Летонскиот премиер за Си-Ен-Ен: Русија распоредува дополнителни војници и тенкови во Донбас

Вашингтон, 23 февруари 2022 (МИА) – Руските трупи се префрлија во источниот регион на Украина, кој Русија го призна како „независен“, соопшти премиерот на Летонија, јави Си-Ен-Ен, дополнувајќи дека тоа го потврдиле и извори запознаени со најновите проценки на американските разузнавачки служби.

„Според информациите со кои располагам, (рускиот претседател Владимир) Путин преместува дополнителни сили и тенкови во окупираните територии на Донбас“, изјави денеска за Си-Ен-Ен летонскиот премиер Артурс Кришјанис Кариш.

„По која било дефиниција, тоа е недозволен влез во суверена територија на соседна земја“, истакна летонскиот премиер.

На конкретно прашање дали мисли на влегување на дополнителни руски војници откако Москва ги призна двата сепаратистички региони претходно оваа недела, Кариш одговори: „Да, според информациите со кои располагам, токму тоа го гледаме“.

Два други извори, блиски до американското разузнавање, за Си-Ен-Ен потврдија дека дополнителни руски војници всушност ја преминале границата во регионот на Донбас откако рускиот претседател Владимир Путин ги призна двата региони и вчера издаде наредба за распоредување „мировници“ во Донбас. Според висок американски функционер запознаен со најновите разузнавачки информации, Русија распоредила една до две таканаречени баталјонски тактички групи, дел од главната руска борбена формација, од кои секоја се состои во просек од околу 800 војници.

Прочитајте и:  Кина по зеленото светло за Украина за напади во Русија: Најитно е да се поттикне деескалација што е можно побрзо

Си-Ен-Ен посочува дека засега не може од независен извор да потврди присуство на дополнителни руски војници во Донбас.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера ги опиша настаните кои сега се водат во Украина како „почеток на руската инвазија“, но високи претставници на администрацијата оттогаш одбија да потврдат дали дополнителни руски војници влегле во Донбас – каде што необележаните руски сили ги поддржуваат сепаратистичките борци од 2014 година.

- Реклама -