Левица: Адеми покажа дека власта го крие протоколот

Како може билатералниот протокол да е дел од францускиот предлог ако не е финализиран? Ако е финализиран, зошто не се објавува? Ако навистина не е финализиран, како може пратениците да одлучуваат дали ќе го прифатат предлогот кој вклучува нефинализиран документ? – прашуваат од Левица по денешната прес-конференција на координаторот на пратеничката група на ДУИ и претседател на Комисијата за европски прашања – Арбер Адеми, кој повтори дека протоколот не се објавува затоа што не е финализиран и потпишан.

„Во Општиот став на ЕУ, кој се однесува на отворање на преговорите со Македонија, јасно се упатува на член 12 од Договорот со Бугарија и на Протоколот, кој шминкерски се нарекува Годишен извештај или преглед. Со други зборови ПРОТОКОЛОТ Е ДЕЛ ОД ‘ФРАНЦУСКИОТ” ПРЕДЛОГ’.

Имајќи го ова предвид, како може Протоколот да не е финализиран, кога истиот е дел од ‘францускиот’ предлог? Или пак, ако истиот навистина не е финализиран, тогаш како Собранието ќе одлучува по ‘францускиот’ предлог, кога дел од тој предлог е нефинализиран Протокол?“, прашуваат од Левица.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

Од партијата потенцираат дека основна карактеристика на една демократија се информирани граѓани и носење одлуки транспарентно врз основа на информации, за разлика од денешната прес-конференција на Адеми, која, според нив, „е класична прес-конференција на автократски режим чија цел не е да информира, туку да ја манипулира јавноста и да шири дезинформации“.

„Затоа ве повикуваме и денес, во 19 часот, да излеземе масовно на протест за да му кажеме НЕ на хибридниот режим и неговите автократски методи!“, повикуваат од Левица.

- Реклама -