Левица: Очекувано е што Владата одби една изборна единица, изненадува што помалите партии остануваат во коалицијата – власта мора да се уцени по секоја цена!

„Воопшто не е изненадување тоа што Владата, предводена токму од партијата која имаше предизборно ветување за една изборна единица, го одби Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик во насока на една изборна единица, поднесен од група пратеници. Напротив, оваа власт предводена од СДСМ, исполнува исклучиво ветувања кои никогаш ги нема споменато пред народот туку ги има дадено на терти страни во служба на туѓи интереси“, велат од Левица.

За нив, се работи за уште една претстава какви што големите партии многупати досега му приредувале на народот. Поддршката на СДСМ на иницијативата за една изборна единица, велат тие, е само поради популизам, со целосно знаење дека другите партии нема тоа да го прифатат. Ваквата лажна поддршка целосно го минира успехот на самата иницијатива, велат од Левица.

Според нив, изненадувачка е реакцијата, или подобро речено отсуството на реакција кај помалите партии во владејачката коалиција, и тоа во околности кога нивните гласови се пресудни.

„Изненадува тоа што пратениците, кои се коалициони партнери на Владата, а истовремено го сочинуваат и најголемиот дел од пратениците предлагачи на оваа иницијатива, сѐ уште остануваат верни поддржувачи на политиките на власта и покрај тоа што таа истата Влада недвосмислено ја одби оваа нивна иницијатива. Крајно време е помалите партии во Собранието конечно да се надминат себе си и да престанат со играње на улогата на приврзок на владејачките партии. Имено, токму сега, кога фунционирањето на Парламентот и опстанокот на Владата зависи од помалите партии, особено оние кои се во власта, имаат можност да покажат дека го застапуваат јавниот интерес, а не своите лични привилегии како коалициони партнери на Владата“, повикуваат од Левица.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

„Територијалната поделба на Македонија и постојниот изборен модел се кроени за задоволување на етничките интереси на албанските партии. Оттука, промената во насока на организирање на целата територија на Македонија, како една изборна единица, не само што ќе доведе до поправична застапеност на волјата на народот и разбивање на хегемонијата на двете партии, туку и ќе го заузда етноцентризмот и трибализмот кој е вкоренет во сите пори на политичкиот систем на државата.

Сегашниот изборен модел, фаворизирајќи двопартиска хегемонија, резултира со брзо заробување на секој нов политички субјект во гравитационото поле на некоја од големите партии, обично таа партија која ја предводи власта. Оттука, секоја можност за промена во политичкиот систем која може да доведе до губење на нивниот комодитет е неприфатлива и таа бидува уништена уште во самиот нејзин зародиш.

Суштински проблем во нашата држава е непостоењето на дефинирани, етаблирани и негувани државни и национални интереси, а тоа е последица на поединечната и групната приватизација на партиите, а со тоа и на државата и власта. КАПИТАЛИСТИЧКИОТ ПОРЕДОК Е СУРОВ, БЕЗМИЛОСЕН, А СО ТОА И БЕЗ ОПШТОЧОВЕЧКИ ВРЕДНОСТИ, такви се неговите партии, такви се и раководствата на партиите“, се вели во соопштението.

Според Левица, одбивањето на предлогот за една изборна единица јасно укажува на карактерот на власта, неспремноста и неволноста да се направат промени корисни за државата и народот. Но, порачуваат од партијата, промените на иборниот модел се неопходни, а власта мора да се уцени по секоја цена. Во тоа клучна улога имаат токму коалиционите партнери на Владата, посочуваат од партијата.

- Реклама -