Партијата Левица испрати „повик за акција и донација“ до „соборците“. Повикот следува откако партијата се соочи со блокиран депозит поради стечајот на „Еуростандард банка“. Во одговор на еден од коментарите на Фејсбук, од партијата се шегуваат дека сметката е отворена во истата банка во која има сметка и владејачката партија, бидејќи „што е сигурно, сигурно е“.
„Левица никогаш нема да стане Партија која одработува за лоби групи кои ја купиле со нивните валкани пари. Затоа, Левица, консолидирана и посилна од било кога, се обраќа за политички ДОНАЦИИ кон сите наши стари и нови членови, симпатизери и сограѓани, нашите гласачи и поддржувачи – кон луѓето од кои црпи легитимитет и на кои им припаѓа“, се вели во повикот.
„Некои можеби ќе мислат дека ова е наивно, но не е! Туку доблесно. А ДОБЛЕСТА е клучот кој го менува светот. Ние не бараме луѓето да прават нешто што не можат, туку она што сакаат и што можат да го направат. Во Левица луѓето делуваат со љубов, посветеност и ентузијазам, поради тоа што веруваат дека подобар свет е можен. Поради тоа што сакаат да се дел од Движење во кое е ОК да бидеш добар, чесен и неподмитлив; повеќе да даваш, одошто да земаш; да бидеш искрен и пркослив, наместо поразен и апатичен“, велат од Левица.
Од партијата потенцираат дека покажале дека не се од оние кои чекаат и дозволуваат да им се случуваат нештата, туку од оние кои активно придонесуваат нештата да се случуваат, и затоа, велат, иднината ќе биде многу подобра од ова досега, бидејќи тие, заедно со граѓаните, активно ќе придонесат за нејзиното создавање. Од Левица додаваат дека уште пред повеќе од деценија го почнале автентичното политичко движење кое сега „расцутува како чиста совест на нацијата“, од нула, и дека со тоа што „не се шитнале“ ги спасиле идеалите и принципите:
„ …А ако се спасени ПРИНЦИПИТЕ – сè е спасено! Ако го имаш чесниот народ со тебе – имаш сè, оти борбата не се само проблемите кои ги имаме, туку, првенствено, луѓето со кои ги решаваме. Ако веруваш дека така треба, приклучи се и Ти кон нашата АКЦИЈА и биди дел од долгиот пат на Борбата која ни претстои“, порачуваат од Левица.