Согласно новата Методологија за усогласување на пензиите, пензионерите ќе добиваат зголемување на пензиите два пати годишно во март и септември, а зголемувањето ќе биде процентуално исто за сите. Односно, сите пензионери ќе добијат зголемување од 6.8%, со што зголемувањето на пензијата ќе зависи од висината на самата пензија.
Односно, оние пензионери кои имаат најголеми пензии ќе добијат најголемо покачување од околу 3.500 денари, додека пензионерите со најмали пензии ќе добијат најмало зголемување на пензиите (од околу 850 денари).
Во услови на економска криза, со огромна стапка на инфлација и енормно зголемување на цените на основните прехранбени продукти (некои дури и за 100%), недозволиво е вакво процентуално зголемување на пензиите, реагираат од политичката партија Левица.
Пензионерите кои го чекаа ова зголемување со години, посочуваат од партијата, наместо задоволство добија разочарување и револт.
„Методологијата за усогласување на пензиите има за цел токму да ги амортизира проблемите кои настапуваат од зголемувањето на цените и трошоците за живот, а во насока на подобрување на квалитетот на животот на пензионерите. Зголемувањето на пензиите согласно оваа Методологија не само што не ѝ служи на целта за која што е донесена, туку го зголемува финансискиот јаз помеѓу пензионерите. Во услови на континуиран раст на цените на продуктите, кои важат подеднакво за сите, зголемувањето на пензиите треба да биде во насока на зајакнување на куповната моќ на најсиромашните, а не обратно“, потенцираат од Левица и апелираат до Владата на СДСМ и ДУИ, „наместо популистички решенија“, како што велат, да донесе решенија кои ќе донесат резултати и бенефит, а не разочарување и револт за пензионерите.