Левица побара од Џафери итна расправа за бугарските национал-шовинистички претензии

Во очи на најавеното бугарско вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ, пратениците на Левица во Собранието на Република Македонија – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до претседателот на Собранието Талат Џафери поднеле официјално писмено барање за ставање на Предлог-декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии како точка на дневен ред за наредната 21-ва пленарна седница, информираат од партијата.

Како што посочуваат, ова пратеничко право им го дава чл. 14 од Законот за пратениците и чл. 69 од Деловникот на Собранието на РМ, кој предвидува дека секоја втора редовна седница претседателот е должен да стави точка на дневен ред по барање на парламентарната опозиција.

„Очекуваме од спикерот Талат Џафери да ја исполни оваа своја деловничка должност и веќе на следната планирана седница да се расправа за ова горливо прашање поврзано со нашиот национален идентитет“, велат од Левица.

„И тоа малку што остана од македонските национални интереси се распродава и нема повеќе време за губење! Собранието како највисок демократски орган во држвата е должно и МОРА да расправа за оваа тема!“, додаде Крмов на Фејсбук.

- Реклама -