По бројните нерегуларности во процесот на броењето и сумирањето на резултатите од гласањето, како и по добиените информации за случени манипулации и фалсификати, Политичката партија Левица – преку овластеното лице во ДИК – досега поднесе 425 ПРИГОВОРИ за нарушување на изборниот процес до Државната изборна комисија, велат денеска од Левица, единствената вонпарламентарна партија што доби пратенички места на изборите на 15 јули.
Како што велат оттаму, овие приговори се однесуваат на голем дел од избирачки места од повеќе изборни единици од каде од нивните набљудувачи, но и од други лица кои непосредно биле сведоци на броењето на гласовите, добиле информации за манипулации спроведени од страна на лица на ДИК.
„Со овие манипулативни активности директно е оштетена Политичката партија Левица, на која ѝ се скратени три пратеници, а директно е нарушено и правото на избор на граѓаните чии гласови не се правилно валоризирани.
Дополнително, ја известуваме јавноста дека поднесувањето приговори ќе продолжи и во текот на денов, сѐ до завршување на законскиот рок од 48 часа!“, велат од Левица.
„#ДржаватаЗаНародот #ЛевицаВоПарламент“, додаваат во соопштението.