Левица поднесе кривична пријава против Талат Џафери

Правниот сектор на Политичката партија Левица до Основното јавно обвинителство – Скопје денеска поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието – Талат Џафери, поради, како што соопшти партијата, постоење основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ – казниво по чл. 353, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна од шест месеци до три години.

„Пријавениот се терети дека, во својство на овластено службено лице – како претседател на Собранието на РМ, на 22 јули 2021 година, без да го врати на доработка и неопходно доуредување, а по претходен договор и координација со Владата на РМ, илегално го пуштил во собраниска процедура со ‘европско знаменце’, односно во брза и полна легислативна постапка, контроверзниот Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка, со што на пратениците им нанел директна и индиректна штета, преку узурпација на неприкосновеното субјективно пратеничко право на говор и фактичко оневозможување на правото на предлагање амандмани од страна на народните избраници во македонскиот Парламент“, стои во соопштението.

На овој начин, велат од Левица, со своето свесно и злонамерно омисивно деликтно дејствие на пропуштање, т.е. неизвршување на својата службена должност (изрично стипулирана во членовите 136 и чл. 60 од Деловникот на Собранието на РМ + чл. 18 од Законот за Собранието на РМ + чл. 67 од Уставот на РМ), спикерот Џафери, намерно и со предумисла, не се грижел соодветно и должно за примената на Деловникот на Собранието, иако знаел и бил должен да знае дека Предлог-законот во никој случај не ги исполнува деловничките услови, бидејќи истиот не врши никакво усогласување со било која регулатива или директива на ЕУ, туку лажно се наведени конвенции на Обединетите Нации и на Советот на Европа.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Од Левица наведуваат дека очекуваат надлежното ОЈО – Скопје сериозно да ја земе во работа оваа според нив издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавениот, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој настан, да покрене обвинение против актуелниот претседател на Собранието, со што, како што велат, еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената злоупотреба на „европското знаменце“ за шверцување штетни закони во парламентот.

- Реклама -