Пратениците на Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, уште во септември до претседателот на парламентот поднесоа Предлог-резолуција за правните и моралните аспекти на Ковид-вакцинацијата, заснована на неколку правни акти донесени во Советот на Европа, потсетуваат од партијата.
Според нив, причината што овој предлог сѐ уште не е ставен на дневен ред е самоволието на собранискиот спикер Талат Џафери и узурпираноста на Парламентот од, како што велат, криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ. Сепак, од Левица информираат дека нивните пратеници, веќе на следната координација, ќе побарат итно и неодложно оваа предлог-Резолуција да биде ставена на дневен ред.
Во Резолуцијата, која е поделена на вкупно шест точки, се констатира дека постојат низа проблеми на терен во врска со вакциналната имунизација на населението, кои, според Левица, се предизвикани од несоодветната стратегија за комуникација со јавноста на надлежното Министерство за здравство, како и од противречните и контрапродуктивни мерки кои од ден на ден стануваат сè порестриктивни, порепресивни, непропорционални и дискриминирачки за македонските граѓани.
Во Резолуцијата се укажува, меѓу другото, дека:
• вакцинацијата против новиот коронавирус SARS-CoV-2 не е и не смее да биде задолжителна за било кој сегмент од населението;
• граѓаните мора да бидат информирани дека никој не смее да им врши политички, правен, социјален, економски или друг вид притисок да се вакцинираат, доколку некој не сака да го стори тоа на доброволна основа и по слободна волја;
• користењето т.н. зелени (ковид) пасоши, односно „сертификати за вакцинација“ ќе се користат само за нивната првично назначена цел од страна на Светската здравствена оргнизација, т.е. за обезбедување надзор над долгорочните ефекти на вакцините и нивната безбедност по здравјето на луѓето, за следење на ефикасноста на вакцината врз имунолошкиот систем на пациентите, како и за мониторирање на потенцијалните нус-појави и несакани ефекти од вакцината.
Од Левица претходно истакнаа дека „како политичка партија која сериозно го сфаќа прашањето на јавното здравство и пандемијата предизвикана од коронавирусот, која на бројни наши сограѓани им го одзеде животот“, сметаат дека е исклучително важно во оваа криза да се постапува внимателно и, пред сè, хумано.
Тие потенцираат дека двајцата нивни пратеници се вакцинирале по свој избор и дека како партија сметаат дека вакцинацијата против ковид е безбедна и ги намалува шансите за тешка клиничка слика, хоспитализација и смрт, па оттаму и апелираат сите оние кои го немаат прележано вирусот – да се вакцинираат, не поради мерките, туку поради заштита на сопственото здравје.
Сепак, велат, не можат да останат неми на низата нелогичности, противречности и празни обвинувања насочени кон народот. Според нив, вината за нискиот процент на имунизација лежи исклучиво само кај власта:
„Земајќи ги во предвид новонастанатите околности во кои Владата целосно го има изгубено кредибилитетот и е ставена под заложништво на ‘зелениот’ коалиционен партнер ДУИ, Левица е повикана да делува не само во насока на опозициона критика на власта, туку и како коректор на истата.
Во однос на најавените мерки од страна на Комисијата за заразни болести, Левица не може да остане нема на низата нелогичности, противречности и празни обвинувања насочени кон народот. Во таа насока, ја приложуваме следнава аргументација за утврдување на вината и на тоа кој треба да биде казнет, уредена во неколку точки:
1. Вината за ниската заинтересираност за вакцинација против коронавирусот лежи единствено во Владата, а не во народот. Неморално е народот да биде казнет за грешките на една Влада, која во претходните 20 месеци најде за сходно да организира парламентарни и локални избори, организираше попис во кој испрати попишувач до сечиј дом, а во ниту еден момент не се заинтересира да разговара со граѓаните и да ги информира за предностите на вакцините и нивната безбедност.
2. Вината за високата смртност и големиот број на хоспитализирани случаи повторно лежи единствено во Владата, а не во невакцинираните. Тргнувајќи од аерозагадувањето, кое како нација нè прави посклони на болести, преку лошото управување со самата криза, пред и за време на вакцините, до доцната набавка на вакцини проследена со бројни скандали, вперувањето на прстот во невакцинираните делува на обид да се апсолвира власта од сопствената вина.
3. Незаинтересираноста и послушноста на нашата Влада, која робува на империјалните интереси надвор и бизнис интересите во државата, ја влоши до таму ситуацијата да денес единствениот спас го гледаме во што помасовна вакцинација. Одбивајќи да ја согледа засебноста на околностите на секоја една држава, Владата безидејно спроведуваше мерки од европски држави кои самите не се справија добро со кризата, туку се потпреа на своите поразвиени здравствени системи. Притоа, како примери во ниту еден случај не беа земени НР Кина, Австралија и Нов Зеланд, кои со таргетирани карантини спасија безброј животи.
4. Вината за ниската доверба во здравствениот систем повторно лежи единствено во Владата и во министерот Венко Филипче, чие име и пред пандемијата се поврзуваше со низа скандали поврзани со вакцини, а денес е и познат како човекот што не превзема одговорност за 14 смртни случаи во изгорената модуларна болница во Тетово. Додека Венко Филипче е на чело на Министерството за здравство, довербата во здравствениот систем само ќе тоне“, се вели во соопштението.
Од Левица ги наведоа и моментите што ги сметаат за противречности во самите мерки:
„По согледувањето дека вината лежи единствено во Владата а не во народот и не во невакцинираното население, ја приложуваме следната аргументација за противречноста на мерките сами по себе, во неколку точки:
1. Условот да се приложува ПЦР тест на свој трошок на секои 72 часа воведува класна дискриминација, со тоа што на посиромашните, кои работат за минималец или за 300 евра плата, комплетно им ја одзема слободата да изберат да не бидат вакцинирани, додека на оние кои земаат повисоки плати слободата да изберат да не бидат вакцинирани не им е одземена.
2. Статистиката покажува, а и експертите се сложуваат, дека прележаните од коронавирусот имаат повисока заштита и од лицата со примена трета доза вакцина. Барањето овие лица да се вакцинираат после 45 ден од прележувањето е несовесно и непланско трошење на вакцините.
3. Различниот третман за вакцинираните т.е. дозволата со сертификат за вакцинација да можеш да се однесуваш речиси исто како пред пандемијата, сериозно го загрозува животот на постарите и на лицата кои патат од хронични болести. Јасно е дека вакцината ги намалува шансите вакцинираниот да заврши со тешка слика, но до кој степен и дали доволно ги намалува шансите да вакцинираниот го пренесе вирусот на друг е уште непознато. Со тоа станува јасно дека претходните мерки, иако го зголемија интересот за вакцинација, допринесоа и до посериозно ширење на пандемијата.
4. Мерки кои само формално се носат а во пракса не се спроведуваат, уште повеќе ја влошуваат ситуацијата со пандемијата во Македонија. Сведочејќи го високиот процент на употреба на лажни сертификати, повторни ни станува јасно дека претходните мерки, иако го зголемија интересот за вакцинација, допринесоа и до посериозно ширење на пандемијата“, наведуваат од партијата.
Врз основа на ова, од Левица бараат Владата да ги повлече досегашните рестриктивни мерки и да не ги изгласа најавените мерки од Комисијата за заразни болести, туку, како што велат, по теркот на спроведувањето на пописот да спроведе масовна едукација и кампања за информирање и подигање на свеста на народот за вакцинацијата.
Истовремено, од Левица бараат од Владата и да ја прифати оставката на Венко Филипче, „како соодветна казна за некомпетентното управување со кризата од негова страна“.