Левица: Заев и Гаши да отстапат од јавно договореното мешање во судската власт

Заев и Гаши да отстапат од јавно договореното директно мешање во судската власт, бараат од политичката партија Левица.

Според партијата, договорот да бидат вклучени меѓународни ескперти во судски случаи во кои веќе има правосилни пресуди, го разнишува темелот на уставниот поредок и претставува кривично дело.

„Гаши и Заев, со цел да ја спасат актуелната криминална групација на власт, договорија 47 одговорни раководни позиции во државните институции да бидат доделени на кадри од Алтернатива, која патем покажа голема некозистентност, несериозност и незрелост во своите ставови, бидејќи пред неколку недели беше подготвена да гласа недоверба на истата влада.

Дополнително, покрај доделените раководни позиции, Гаши и Заев договорија и директно противзаконско мешање на извршната власт и меѓународни експерти кои ќе бидат побарани од Европската Комисија во веќе донесени правосилни судски пресуди и тоа и за случаите: ‘Монструм’, ‘Алфа’, ‘Диво насеље’ и ‘Алмир Алиу’.

Ваквото јавно декларирано мешање т.е. повикување на одбивање на извршување на судски пресуди од страна на извршната власт, претставува најпрво прекршување на тријалистичката поделба на власта (извршна, судска и законодавна) предвидена во Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок, а потоа и кривично дело насочено кон рушење на правосудниот систем на државата, предвидено во Кривичниот Законик“, образложуваат од Левица.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

Според нив, „постигнатиот противправен договор е во насока на исполнување на планот на Заев и СДСМ за понатамошно распродавање на државата, омаловажување и обезличување на македонскиот народ“.

Од Левица посочуваат на член 11 став 2 од Законот за судовите, каде, потенцираат, јасно се нагласува дека се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект.

„Поради тоа, како политичка партија која се залага за соодветна примена на правото и создавање на право кое се стреми кон правда, ги повикуваме Заев и Гаши да отстапат од ваквата нивна идеја и да не се ставаат во улоги на судии.

Независноста на судската власт се гледа во нејзината посебност и самостојност во однос на законодавната и извршната власт, но и во однос на политичките партии, државните и сите други институции, центри на моќ, јавно мислење и во однос на сите други извори на можни притисоци“, се вели во соопштението.

- Реклама -