Личностите се интересни во негативна смисла, но Комисијата се водела од конкретните дела, вели Сиљановска-Давкова за одлуката за помилуваните осуденици

„Јас почитувам знаење, да јас потпишувам одлуки, но велам дека никогаш нема директно да се мешам во нивната работа. Точно е дека го имам последниот збор, но ова треба да се има во предвид“, вели претседателката

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека Комисијата за помилување се водела од конкретни дела во врска со помилувањата за неколкумина затвореници што ги добија по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври, а за кои од вчера има реакции во јавноста.

Таа смета дека Комисијата за помилување е составена од експерти кои се врвни во нивната област и оти треба да ја почитува нивната работа.

Сиљановска-Давкова вели дека кога се даваат коментари се заборава дека треба да са анализира делото.

Таа вели дека не ги знае ниту имињата на помилуваните, а при потпишувањето на одлуките се водела од делото.

„Јас веќе и имињата не ги знам, да бидам искрена. Во првиот случај, не го знам ниту името како беше, пресудата за делото е една година и три месеци. Делото се однесува на неовластено поседување на оружје и на пет куршуми. Да, личноста знам која е, но зборувам за работата на Комисијата. Во вториот случај се работи за дело што е врзано со насилство или некоја тепачка на наплатна станица и казната е шест месеци. Веројатно тие се воделе од ова заменувајќи ги обете со условна казна од три години“,

вели претседателката во изјава за ТВ 21.

Според Сиљановска-Давкова, „личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт, тоа сега го гледам“, но повторува дека Kомисијата за помилување се водела од конкретни дела.

„Претпоставувам дека има начин да се санкционира бидејќи да било делото членство во злосторнички здруженија, не знам какви опасни, веројатно би било поинаку. Јас почитувам знаење, да јас потпишувам одлуки, но јас велам дека никогаш нема директно да се мешам во нивната работа. Точно е дека го имам последниот збор, но ова треба да се има во предвид“,

додава таа.

Претседателката вчера донела одлука за помилување десет осуденици, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. На листата на помилувани се најде и Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, кој пред повеќе години на социјалната мрежа Фејсбук се промовираше облечен во брендот „Версаче“, а подоцна го отвори и кафулето „Версаче“ во трговскиот центар „Мавровка“.

Покрај овие двајца, помилувани се и Акиф Равманоски, за кој медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“, чија казна затвор се намалува за три месеци.

Претседателот на државата, одлуката за помилување ја носи врз основа на мислењето на Комисијата за помилување, како и врз основа на предлогот на министерот за правда.

Оваа одлука е јавна и е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

- Реклама -