ВМРО-ДПМНЕ дијаметрално го промени ставот за уставните измени, сите барања на Мицкоски се прифатени – тврди Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Централниот и Извршниот одбор на СДСМ ги свикал за да го информира партиското раководство за она што се случувало на лидерската и, според него, „дијаметрално променетото мислење“ за уставните измени на опозициската партија.

„Лидерската средба покажа дека има дијаметрално променето мислење на партијата ВМРО-ДПМНЕ искажана преку јавната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на самата прес-конференција, што дава нова динамика на политичката сцена во државата. Сметам дека за тоа треба да бидат информирани и ИО и ЦО на СДСМ, исто како што пред лидерската средба, знаете дека имав состанок и на ИО и ЦО и со коалициските партнери, на кои средби информирав во однос на наредните чекори кои се однесуваат на исполнување на оваа наша обврска“, вели Ковачевски во интервју за „360 степени, кое ќе се емитува вечерва од 22:15 часот на ТВ Алсат.

Премиерот истакна дека не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени. Сите барања, наведува Ковачевски, се прифатени, вклучително и влада без ДУИ.

„Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што, сите барања се исполнети“, вели Ковачевски.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

На констатацијата дека не е мала разликата во тоа што ДУИ вели дека е подготвена да не биде во Владата но откако  уставните измени ќе бидат изгласани и ќе стапат во сила, а условот на ВМРО-ДПМНЕ за да се гласаат уставните измени е да имаат одложено дејство – односно да стапат во сила при влезот на земјава во ЕУ, Ковачевски одговори дека е оптимист, затоа што „со промената на ставот на опозициската партија“ сега не постои, според него, најголемата разлика.

„Прво, најголемата разлика, која веќе не постои, беше обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот итн. на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог беше таа реторика, за после лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став, кој е јавно искажан и уште еднаш на телевизиско интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со што веќе не постои – според ВМРО-ДПМНЕ, а никогаш не ни постоела таа опасност“, вели Ковачевски во интервјуто.

Извор: МИА

- Реклама -