Во дербито на 5.коло од Лигата на шампионите, Ливерпул на својот „Енфилд“ го победи Реал Мадрид со 2:0 и ја оствари петтата победа во елитното континентално натрпеварување.
„Црвените“ продолжуваат да нижат победи во Лигата на шампионите, во петтото коло ја забележаа петтата победа и се единствената екипа со стопроцентен учинок. Дуелот со мадридски Реал започна со одлична можност за Ливерпул веќе во 4. минута, Дарвин Нуњез шутираше, Тибо Куртоа веќе беше совладан, но Асенсио „расчисти“ од гол-линијата. Нуњез се закани и во 23. минута, но белгискиот голман овојпат одбрани.
Реал првпат се закани во 29. минута, но Арда Ѓулер не беше прецизен. „Црвените“ поведоа во 52. минута по убава акција која во гол ја претвори Алексис Мек Алистер. Реал можеше да израмни во 61. минута откако Ендрју Роберстон направи пенал. Килан Мбапе шутираше, но Каоимхин Келехер го одбрани неговиот удар.
Девет минути подоцна пенал доби и Ливерпул, но исходот беше идентичен. Мохамед Салах шутираше, но ја погоди левата статива. Сепак, Ливерпул во 77. минута практично обезбеди победа против вечерашниот лош Реал. Коди Гакпо се надоврза на одличен центаршут и со глава ги постави конечните 2:0.
Селтик одигра 1:1 против Клуб Бриж. Гостите поведоа по комичниот автогол на Камерон Картер-Викерс во 26. минута. Американскиот дефанзивец му ја враќаше топката на својот голман, но не забележа дека меѓу стативите го нема Каспер Шмајхел. Шкотскиот шампион успеа да израмни во 60. минута со голот на Дајзен Маеда.
ПСВ со голем пресврт во последните минути го победи Шахтјор со 3:2. Гостите поведоа во осмата минута со голот на Даникло Сикан, а на 2:0 зголеми Олександер Зубков во 37. минута. Еден од клучните моменти се случи во 69. минута кога гостите останаа со играч помалку по исклучувањето на Педро Енрике. Украинците одолеваа на нападите до последните седум минути, а потоа останаа без ништо. Малик Тилман израмни со головите во 88. и 90. минута, а Рикардо Пепи му донесе победа на холандскиот тим во петтата минута од судиското надополнување.
Одличен натпревар одиграа Монако и Бенфика, на крајот гостите победија со 3:2. Тимот од Кнежеството поведе во 13. минута со голот на Елисе Бен Сегири. Вандерсон шутираше, Трубин одбрани, но топката се одби до Головин, кој му врати на Сегир, кој прекрасно погоди за 1:0. Вангелис Павлидис израмни во 48. минута, а 10 минути подоцна Монако остана без исклучениот Синог. Но и со играч помалку домашните поведоа во 67. минута со голот на Магас. Бенфика во самата завршница го сврте резултатот. Израмни Кабрал во 84. минута, а победата на португалскиот тим му ја донесе Амдуни во 88. минута.
Лил на гости ја победи Болоња со 2:1. Двата гола за гостите ги постигна Нгал’Ајел Мукау (44, 66), додека за италијанскиот тим Јон Лукуми (63).
Загрепски Динамо на својот стадион „Максимир“ загуби со 0:3 од актуелниот европски вицешампион Борусија Дортмунд, забележувајќи го вториот пораз. Головите за гостите ги постигнаа Џејми Гитенс во 41. минута, Реми Бенсебаини во 57. минута и Серху Гираси во 90. минута.
Во претходните натпревари во средата фудбалерите на Црвена ѕвезда и Штурм ги остварија првите победи во Лигата на шампионите оваа сезона. Црвена ѕвезда го декласираше Штутгарт со 5:1, додека Штурм ја совлада Жирона со 1:0.
Германскиот вицешампион поведе во Белград во петтата минута со голот на Ермедин Демировиќ. Сепак, седум минути подоцна израмни Силас кој во Звезда пристигна на позајмица од Штутгарт.Во 28. минута Демировиќ уште еднаш ја затресе мрежата на Иван Гутеша, но голот беше поништен поради офсајд. Три минути подоцна белградскиот тим го сврте резултатот. Сеол Јанг-Ву нафрли од левата страна, одбраната на гостите реагираше лошо, а Раде Круниќ го искористи подарокот за да погоди за домаќините.
Во продолжение од натпреварот домаќинот постигна уште три гола за прва победа и големо славје. Во 65. минута Тими Макс Елшник нафрли од корнер, а Мирко Иваниќ погоди со глава за 3:1, а четири минути подоцна Немања Радоњиќ го постигна четвртиот гол. Голема заслуга за овој гол имаше и Круниќ, кој одлично извлече од работ на сопствениот шеснаесетник до центарот, а потоа ја турна топката до Радоњиќ, кој само две минути порано влезе во игра и практично од првиот контакт со топката се запиша меѓу стрелците. Конечните 5:1 ги постави Радоњиќ во 88. минута со својот втор гол на натпреварот.
Во вториот натпревар Штурм во Клагенфурт ја победи Жирона со 1:0. Решавачкиот гол го постигна Мика Бирет на асистенција на Седи Јата во 59. минута.
На табелата води Ливерпул со 15 бодови, Интер има 13, а Барселона и Борусија Дортмунд по 12 бодови.