Лирман: Нема да има подобра спогодба, aко сакате просперитетна иднина во ЕУ времето е сега

„Сега се отвора можност за проширување на ЕУ која што е широко отворена. Барањето на ваквата можност со решеност и со државност и со лидерство покажува високо чувство на одговорност за иднината на македонскиот народ и просперитет. Ве поттикнувам успешно да продолжите на реформската патека. Реформите се во корист на македонските граѓани. Тие го унапредуваат владеењето на правото, ја искоренуваат корупцијата, го промовираат просперитетот и инвестициите и ги подобруваат животните услови на Северна Македонија“, истакна германската министерка за Европа – Ана Лирман, на заедничката прес-конференција по средбата на таканаречената „Вајмарска тројка“ со вицепремиерот Бојан Маричиќ, заедно со државнатa секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција – Лоренс Бун, и министерот за ЕУ на Република Полска – Шимон Шинковски вел Сенк.

Лирман истакна дека е важно да се продолжи на патот сега, а уставните измени, според неа, ќе ја покажеле земјава како пример за мултиетничко општество.

„Потврдувањето и заштитувањето на малцинствата е темелот на европските права и обврски. Измената на македонскиот Устав ќе ги зацврсти заложбата и посветеноста на Северна Македонија кон европските вредности. Цврсто ги поттикнувам сите политички сили во Северна Македонија да го поддржат изменувањето на Уставот и да ја поддржат подобрата и попросперитетна иднина за Северна Македонија и македонскиот народ. Сѐ друго ќе биде штетно за амбициите за членство во ЕУ“, рече Лирман.

Според неа, сега е моментот кога „треба да се преземе политичка одговорност и да се дејствува и да се каже ‘да’ на подобрата иднина, на иднината во ЕУ“.

„Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ е фер, исправен е. Нема да има подобра спогодба, тоа е сигурно. Иднината на Северна Македонија лежи во вашите раце. Сакаме да ве поттикнеме да се приклучите кон европското семејство и да ги покажете вашата заложба и посветеност кон перспективата во ЕУ и ќе ве поддржиме на патот кон ЕУ секогаш кога можеме“, рече германската министерка.

Таа оцени дека македонската Влада е посветена на иднината и притоа ги повика, и во име на нејзините колеги од Вајмарската група, сите политички и општествени актери во земјава да ја поддржат владата во овој „пресуден чекор кон ЕУ“ за успешна промена на амандманите на Уставот.

„Сакаме да ви ја дадеме сета неопходна поддршка за успешно да го постигнете процесот на интеграција“, рече таа.

Пораката на Вајмарската тројка, како што рече, е јасна.

„Ја нагласуваме нашата заложба за перспективата на Северна Македонија кон ЕУ. Оддаваме признание за импресивниот напредок што го остваривте и ве поддржуваме на вашиот пат да станете членка на ЕУ. Заедно ќе станеме посилни. Исто така, сакаме да одаддеме признание за вашата непоколеблива посветеност на меѓународната сцена во НАТО, но и во целосното усогласување на заедничката и безбедносната политика на ЕУ. Го нагласуваме вашето чувство на одговорност и посветеност на стабилноста на Западниот Балкан“, рече германската министерка.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе им кажат министрите од Вајмрската тројка на ВМРО-ДПМНЕ, кои сѐ уште се на ставот дека нема да поддржат уставни измени, Лирман рече дека со нетрпение очекува да се сретне со различни партии на опозицијата овде и потенцираше дека нејзината порака е „кристално јасна“.

„Ако сакате просперитетна иднина за земјава, ако сакате иднина во ЕУ, времето за тоа е сега, затоа што се отвори можност, се појави нова динамика во процесот на пристапување со кандидатски статус за Украина и за Молдавија, дополнителни чекори во процесот на пристапување се наоѓаат на хоризонтот за есенва, процесот на скрининг, техничкиот процес за Албанија и за Северна Македонија ќе заврши веројатно есенва, така што сега е времето за следните чекори во процесот на пристапување. Нема време за чекање“, рече Лирман.

Таа рече дека сите членови на опозицијата ќе ги праша каква е нивната идеја за иднината на земјава.

„Дали навистина сакате земјава да ја пропушти оваа уникатна можност да се приклучи кон оваа заедница на просперитет на ЕУ? И јасно е дека возот на процесот на пристапување и проширување се движи многу бргу и ако Северна Македонија не се движи со уставните измени, ќе го пропушти возот. И навистина знаеме колку беа посветени луѓето во земјава кон процесот на пристапување, така што мојот аргумент е многу јасен. Јас сум многу посветена Европјанка и многу сум уверена дека Северна Македонија ќе стане осилна во ЕУ“, рече германската министерка.

Пред повеќе од 30 години Германија, Франција и Полска се посветија на т.н. Вајмарска тројка да ги здружат силите во негување на демократијата, просперитетот и безбедноста низ цела Европа. Во тој дух, рекоа тројцата министри, се тие денеска во Скопје.

Извор: МИА

- Реклама -