Лондон и Берлин повикуваат за траен прекин на огнот во Газа

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и неговата германска колешка Аналена Баербок изјавија дека „итно е потребен „траен прекин на огнот“ во Појасот Газа, но се спротивставија на идејата за „општ и итен прекин на огнот“.

– Мораме да направиме се за да можеме да го отвориме патот кон траен прекин на огнот, што ќе доведе до траен мир. Најдобро би било што поскоро, итно е, напишаа во заеднички текст во Сандеј Тајмс.

– Премногу цивили се убиени, нагласија тие.

Британската влада преку вицепремиерот Оливер Дауден го повика Израел на „воздржаност“, во интервју што тој го имаше денска за Би-Би-Си .

– Израел се соочува со многу тешка ситуација … Ако го нападнете непријателот кој буквално се крие под болниците, среде цивилното население, тоа ќе предизвика голем број цивилни жртви, нагласи тој.

Прочитајте и:  ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

„Ние велиме, во својство на британската влада, дека Израел мора да покаже воздржаност“, додаде тој.

Дејвид Камерон и Аналена Баербок во текстот истакнаа дека не мислат дека „повикувањето сега на општ и итен прекин на огнот, со надеж дека тој на еден или друг начин ќе стане траен, е патот што треба да се оди“.

Тоа би значело „игнорирање зошто Израел мора да се брани: Хамас го нападна Израел на варварски начин и продолжува да истрелува ракети секој ден за да убива израелски цивили. Хамас мора да го остави оружјето“, напишаа тие.

Генералното собрание на ОН во вторникот усвои необврзувачка резолуција со која се повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа. Британија беше воздржана.

МИА

- Реклама -