Лукашенко предложи итен прекин на огнот, Москва не се согласува

epa09458305 Russian President Vladimir Putin (R) and his Belarusian counterpart Alexander Lukashenko (L) attend a news conference following their talks at the Kremlin in Moscow, Russia, 09 September 2021. Belarusian President Alexander Lukashenko is on a working visit in Moscow. EPA-EFE/SHAMIL ZHUMATOV / POOL

Москва денеска ја отфрли можноста за запирање на офанзивата против Украина и покрај повикот на нејзиниот главен сојузник, белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Лукашенко, во денешното обраќање до нацијата, повика на итен прекин на огнот во Украина и започнување на преговори за долгорочен мировен договор. Лукашенко нагласи дека не треба да се бараат предуслови за примирјето. Истовремено, белорускиот претседател и ја предупреди Украина против лансирањето на најавената контраофанзива, потенцирајќи дека тоа, како што рече, ќе ги направи невозможни преговорите меѓу Москва и Киев.

Кремљ, меѓутоа, ја отфрли „понудата“ на Лукашенко, со одговор дека со прекин на огнот не би се постигнале целите на „специјалната воена операција“.

„На темата Украина ништо не се менува: специјалната воена операција продолжува, бидејќи тоа е единственото средство за постигнување на целите со кои се соочува нашата земја денес“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, најавувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин следната недела ќе разговара со Лукашенко за примирјето предложено од белорускиот претседател.

„Русија не може да ја игнорира хипотетичката опасност што ѝ ја претставуваат повиците за распоредување нуклеарно оружје во Украина. Ова е многу опасен тренд“, рече Песков, коментирајќи ја петицијата објавена на веб-страницата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој додаде и дека некои елементи од мировниот план предложен од Кина не се остварливи бидејќи, како што тврди Москва, Украина следи наредби од Западот да не преговара со Москва.

Песков ја коментираше и идејата за испраќање мировни трупи во Украина. Самата дискусија за такво нешто тој ја оцени како потенцијално „многу опасна“. Претходно, унгарскиот премиер Виктор Орбан спомена за слични дискусии во ЕУ.