Лусио ќе паузира неколку месеци

Јувентус ја стартуваше новата сезона со триумф над Парма, но раководството и стручниот штаб на „Старата дама“ веднаш имаат причина за загриженост, откако беше обелоденето дека повредата на Лусио е од посериозен карактер и дека бразилскиот дефанзивец ќе отсуствува неколку месеци од терените.

Поранешниот член на Интер се повреди на петочниот тренинг на „Старата дама“ и воопшто не настапи против Парма. Во таборот на Јуве се надеваа дека повредата не е премногу сериозна, но резултатите од деталните лекарски прегледи го покажаа спротивното.

Имено, станува збор за кинење нa лигаментите, повреда поради којашто вообичаено се препорачува пауза од неколку месеци. Поточна прогноза околу враќањето на Лусио на терените ќе може да се даде дури откако ќе биде извршен оперативниот зафат врз Бразилецот, по што ќе се знае дали тој ќе може да игра за Јувентус до крајот на годинава.

Доколку тоа не биде случај, раководството на клубот сигурно ќе инсистира на ангажман на нов дефанзивец за уште повеќе да ја засили последната одбранбена линија.

- Реклама -