Манчестер Сити на работ на елиминација од Лигата на шампионите (видео)

Манчестер Сити се наоѓа на работ на елиминација од Лигата на шампионите откако англискиот првак и во својот четврти натпревар не успеа да стигне до првата победа во рамките од групата Д.

„Граѓаните“ одиграа 2:2 во контроверзен натпревар против Ајакс што требаше да го добијат доколку немаше неколку судиски одлуки што одеа во нивна штета. Холанѓаните одлично го почнаа мечот и рано стигнаа до предност од 0:2 со двата гола на Де Јонг по заспаноста на дефанзивците на „Граѓаните“.

Сепак, Јаја Туре постигна погодок за да ја ублажи негативата во првиот дел, пред Агуеро да го постигне израмнувачкиот погодок. Во 87. минута Агуеро постигна уште еден погодок, но истиот беше неправедно поништен поради непостоечки офсајд на Александар Коларов.

Буквално во последната акција од мечот имаше очигледно влечење за дресот на Балотели од страна на еден од гостинските дефанзивци, но главниот судија наместо да покаже на белата точка реши да означи крај на средбата, предизвикувајќи бес кај сите домашни фудбалери.

Прочитајте и:  Клубовите од Премиер лигата со тежок удар по Манчестер сити

Манчестер Сити има само два бода, дури пет помалку од второпласираниот Реал Мадрид. На „Граѓаните“ сега им е потребен триумф над Реал во следното коло, но потоа и голема услуга од Ајакс, за холандскиот тим да остане непоразен на „Сантијаго Бернабеу“, што би била вистинска сензација во европскиот фудбал.

„Кралевите“ вечерва одиграа под своите можности, па едвај стигнаа до реми на мечот со Борусија Дортмунд. Гостите два пати доаѓаа во водство преку Ројс и Геце, но тимот на Жозе Мурињо се спаси благодарение на погодокот на Озил во 89. минута (претходно прецизен беше и Пепе).

- Реклама -