Првата половина на февруари во Венеција помина во знакот на маските од 17. век, карневалските поворки во текот на денот и забавите полни со мистерии и романтика во текот на ноќта.
Карневалската церемонија во Венеција тесно е врзана со историјата на самиот град. Првиот официјален карневал во Венеција е одржан во 1268 година. Тогаш било сосема нормално по градот да сретнете луѓе кои шетаат со маски на лицето.
Меѓутоа, поради криминалот во текот на оваа манифестација, постоеле периоди кога карневалот бил забранет.
Заштитниот знак на карневалот, венецијанските маски, останаа синоним за завера, прељуба и сплекти.
За време на карневалот се одржуваат балови во палатите, луксузните хотели, познатите кафулиња и се вистинска гурманска авантура, егзотично доживување и незаборавно искуство. Меѓутоа, тоа искуство најчесто не е бесплатно и за влез на една забава треба да издвоите од 70 до илјада евра.
Поради тоа, повеќе туристи одбираат да ги гледаат маските на улица, да уживаат во атмосферата на плоштадите и да ги набљудуваат каналите полни со романтични гондоли.
Многу Италијанци и туристи решаваат сами да ги направат маските, додека има и такви кои од својата уметност направиле бизнис. Така, обичните „commedia dell’arte“ маски може да се купат за сто евра, додека костумите чинат и до три пати повеќе.
По спуштањето на завесата на овогодишниот карневал на 12 февруари, градските власти најавија дека следната година манифестацијата ќе се одржува од 15 февруари до 4 март.