Македонците од Албанија му отдадоа почит на Стерјо Спасе по повод 111 години од неговото раѓање.

„Положивме цвеќе на неговата биста, изразувајќи почит кон животот и делото на личност која остави длабок траг во културната историја. Глобочани и Преспа со гордост се сеќаваат на тоа како на Албанија ѝ подариле бесмртен писател, чии дела се дел од основите на албанската книжевност и ја осветлуваат улогата на Македонците во албанското општество“, изјави Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, за МИА.

Според неговите зборови, Стерјо Спасе, колосот на современата албанска литература, преку своите дела инспирираше и образуваше генерации Албанци, секогаш со гордост истакнувајќи ги своите македонски корени.

„Стерјо Спасе е роден во селото Глобочени, во Мала Преспа, 1914 година, а почина во Тирана 1989. Тој е еден од најзначајните основоположници на современата албанска литература, а неговите корени длабоко се поврзани со македонската традиција. Писател, антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби, успеа да ги спои културите и да ја донесе приказната на Преспа далеку над нејзините граници“, додаде Стерјовски.

Автор е на повеќе од петнаесет романи и многу раскази. Неговиот најпознат роман, „Од живот за живот – зошто?“, е напишан во форма на дневник и истражува една трагична дилема на млад интелектуалец од село.

Преди шест години, тогашниот албански претседател Илир Мета постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето“. Тој тогаш изјави дека Спасеовиот познат роман „Зошто“ предвиде создавање на современа литература во Албанија, нагласувајќи дека Стерјо Спасе е важна фигура не само во Албанија, туку и на Балканот и во Европа.

Во неговото родно село Глобочени пред три години беше отворен Музејот „Стерјо Спасе“, кој брзо стана атрактивна дестинација за туристите и центар за многубројни културни настани на Македонците. Во 2014 година, на плоштадот во селото, беше откриена бронзена биста на Спасе.