Македонија преку Доминиканската Република до четвртфинале

Македонските кошаркари в петок ќе играат против селекцијата на Доминиканската Република во четвртфиналето на предолимпискиот турнир во Венецуела.

По денешниот ден се разрешија дилемите по групи, па така „Црвено-жолтите“ како првопласирани во својата група ќе вкрстат со Доминиканците кои вечерва беа поразени од Русија со 84:69. Руските кошаркари ги контролираа играта и резултатот во најголемиот тек од натпреварот, но тоа воопшто не значи дека Македонија ќе има лесна задача во четвртфиналниот дуел.

Селекцијата на Доминиканската Република ја предводи кошаркарот на Атланта Хокс, Ал Харфорд, но тој не е единствената опасност за составот на Марјан Лазовски. Нашиот селектор ќе треба да пронајде соодветна тактика за да се спротистави на физички силната кошарка што ја игра противникот, со многу моќ под кошевите, но и со брза игра надвор од рекетот.

Исто така, Лазовски ќе треба да се надмудрува со најдобриот тренер од НЦАА лигата, Џон Калипари, кој е актуелен шампион со својот тим, како и некогашниот тренер во НБА лигата, Дел Харис, кој е негов прв асистент. Доказ дека Доминиканската Република воопшто не е наивна селекција е нивниот неодамнешен триумф над Порторико.

Андреј Кириленко беше предводник на „Зборнаја“ во вчерашниот триумф од 84:69, постигна 16 поени и имаше 13 скока, а Ал Харфорд со 22 поени и девет скокови беше најистакнат поединец во редовите на Доминиканската Република. Солиден беше и центарот Џек Мартинез, со 13 поени.

- Реклама -