Македонија нема да добие помош од ковид Фондот за солидарност на ЕУ затоа што добро сме менаџирале

Солидарност на ЕУ на дело! Унијата предложи 530 милиони евра финансиска помош за 13 земји членки и 3 земји-кандидатки, за покривање на трошоците за медицинска и заштитна опрема, поддршка за итни ситуации, превенција, мониторинг и контрола на ширењето на болеста – објави денеска Европската комисија, а информацијата ја сподели на Твитер и нејзината претседателка – Урсула Фон дер Лајен. Како што може да се види од нејзиниот твит, меѓу наброените земји ја нема Македонија.

Тоа побрза да го сподели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

„Македонија, за жал, извиси од групата на земји на кои Европската Комисија ќе им помогне со финансиска и медицинска помош преку солидарниот фонд чиј вкупен износ е 530М€, во кој од регионот вклучени се земјите кандидати Србија, Албанија и Црна Гора!“, напиша тој на Твитер.

Во меѓувреме, со соопштение излезе Секретаријатот за европски прашања, со кој раководи Никола Димитров. Како што објаснуваат од таму, државава добро менаџирала со ресурсите и затоа не ги задоволила условите за помош од Солидарниот фонд на ЕУ за справување со финансиските последици од Ковид-19 во здравствениот сектор, односно, дека Македонија не направила доволно расходи во првиот бран од пандемијата.

„Поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат.

Во април 2020 год., Европската Унија одлучи да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната со пандемијата од Ковид-19 и кон земји кои не се членки на Унијата. Искористувањето на средствата од овој Фонд зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи кои земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Во таа насока, Секретаријатот за европски прашања подготви Информација за можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската Унија за справување со финансиското влијание на Ковид-19 во здравствениот сектор. Информацијата со детални информации за можностите и за начинот на аплицирање за користење на помошта, беше разгледана и усвоена на 51-та седница на Владата на Република Северна Македонија (одржана на 12.5.2020 год.), по што се иницираше прибирање на податоци за итните трошоци поврзани со Ковид-19, настанати на централно и локално ниво.

По обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори за Ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, беше констатирано дека Република Северна Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на ФСЕУ.

Имено, поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра.

За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 (четири) месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Референтен период во оваа смисла за земјата беше периодот 10.03. – 09.07.2020 год“, се вели во образложението од СЕП.

 

- Реклама -