Македонија веќе не е „хибриден режим“, напредуваше во „демократија со недостатоци“

Во Индексот на демократијата за 2021 година, на Истражувачката група на Економист, Македонија веќе не е во групата на „хибридни режими“. Земјава е рангирана на 73. место, со вкупна оценка од 6.03, со што, напредувајќи за пет места во однос на минатата година, влегува во групата на „демократии со недостатоци“.

Како што пренесува МИА, според критериумите по кои се врши рангирањето, земјава има оценки над просечната од 6.03 во четири од вкупно пет категории: Најдобра е во делот на изборен процес и плуразлизам – 7.42, а најлоша е во политичка култура – 3.13. Функционирањето на владата е оценето со 6.43, политичкото учество – 6.11, а во однос на граѓанските слободи – 7.06.

Индексот на демократијата на Економист се објавува од 2006 година и дава брз преглед за состојбата со демократијата во 165 независни земји и две територии. Македонија највисока оценка имаше во 2006 годината – 6.33, а најниска во 2015-тата – 5.23.

Според Економист, целиот регион на Источна Европа, во кој се наоѓа и нашата земја, успеал во 2021 година да избегне назадување на просечниот индекс и ја задржува средната оценка од 5.36, при што Северна Македонија, Црна Гора и Молдавија се посочени како земји кои значително ги подобриле своите позиции и напредувале од „хибридни режими“ во „демократии со недостатоци“. Вкупно, во 2021 година 16 држави од регионот на Источна Европа се „демократии со недостатоци“, 4 се „хибридни режими“ и 8 се „авторитарни режими“.

Според Индексот на демократија, земјите се делат во четири групи – „целосна демократија“, „демократија со недостатоци“, „хибриден режим“ и „авторитарен режим“. Најдобра оценка има Норвешка – 9.75, а најниска Авганистан – 0.32.

Извор: МИА

- Реклама -