Преполната сала, долгите овации и силните емоции ја обележаа изведбата на современата танцова претстава „АЈДЕ!“, организирана од македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Интересот на публиката беше извонреден, што доведе до целосно исполнета сала на Загрепскиот танцов центар. Ова претставува уште една потврда за зголеменото внимание кон македонската современа уметност и култура во Хрватска.



Публиката беше впечатлена од моќната танцова перформанса на авторите и кореографите Игор Киров и Бојан Мицев. Претставата, прикажана со современ сценски израз, отвора универзални теми за љубовта, слободата, припадноста и предизвиците наметнати од општествените норми.
Долгиот аплауз и емотивната реакција по завршувањето на настапот покажаа дека „АЈДЕ!“ е дело кое непосредно комуницира со гледачите, без оглед на националните и културните различности.




Пред почетокот на представата, присутните ги поздравија директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, директорката на Загрепскиот танцов центар, Александра Мадсен, како и кореографот Игор Киров, еден од најпознатите македонски уметници во балетот и современиот танц. Во своите говори, тие ја истакнаа важноста на оваа прва соработка помеѓу македонскиот КИЦ и Загрепскиот танцов центар, која придонесува за видливост на македонската современа танцова уметност и отвора можности за соработка и афирмација на уметниците надвор од границите на државата.
„Уметноста е моќна алатка за поврзување на луѓето, независно од географските и културните бариери. Преполната сала вечерва е доказ дека публиката знае да препознае искрена емоција и значењето на културната размена помеѓу Македонија и Хрватска“, нагласи Ѓоргоска Илиевска.



Претставата „АЈДЕ!“ е значаен пример на современото македонско танцово творештво, успешно комбинирајќи традиција, современ контекст и универзални човечки вредности. Ова ја потврдува силата на уметноста како мост помеѓу луѓето и културите.
Продукцијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип. Гостувањето во Загреб е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, во соработка со Motion Network продукција и Загрепскиот танцов центар, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Фото: КИЦ Загреб




