Министерството за култура соопштува дека македонскиот павилјон на Венециското биенале за архитектура во 2025 година е препознаен како еден од 10-те најзначајни павилјони меѓу вкупно 66 учеснички земји, според реномираниот портал Artribune. Во изложбениот простор Арсенале, Македонија се претстави со проектот “Strada Brutalissima”, под кураторско водство на доц. д-р Благоја Бајковски од Архитектонскиот факултет при УКИМ. Проектот иницира важен дијалог околу архитектонското наследство, солидарноста и визијата за похумано општество. Овој павилјон не е само приказ на бетонски структури и облици – тој претставува прошетка низ минатото, меморијата и колективните надежи. Гордост ни е да го видиме достигнувањето на нашите автори и сите кои беа вклучени во реализацијата на овој проект, кој достоинствено ја прикажува Македонија на светската културна сцена.




