Македонскиот стартап Свифт Дата кој работи во областа на обновливите извори на енергија успешно се пласираше меѓу 7те најдобри на финалето на Светскиот Натпревар за Вселенски Иновации – SpaceCom Google Entrepreneur Challenge кој минатата недела се одржа во Хјустон, САД, во организација во партнерство со NASA, Google и Lockheed Martin. Тимот беше награден со кредити од Google за бесплатно развивање на своето решение на Google Cloud и користење на алатките за вештачка интелигенција. Натпреварот го водеше Извршниот директор на Global Entrepreneurship Network, Стефан Реки.
Тимот оствари значајни контакти со инвеститори од неколку финансиски фондови (Starbridge Venture Capital, Hypergiant, TechStars, NewCap Partners, Ubiquity Ventures) со кои ќе има можност за повторен контакт по унапредувањето на нивниот иновативен продукт кој засега е во фаза на прототип. Тимот доби конкретни насоки од експерти во областа за доразвивање на продуктот за поширока примена на Земјата, и негово приспособување за решавање на проблемот со недостатокот на енергија за време на ноќите на Месечината кои траат по 2 недели, каде се планира изградба на база и живеалишта за астронаути.
Учеството на тимот Свифт Дата на SpaceCom самитот е во организација на Њуменс Бизнис Акцелераторот, а патувањето финансиски беше поддржано од македонскиот Фонд за иновации и технолошки развој – ФИТР и Фондацијата Голдилокс Стејт Скопје.
Свифт Дата доби можност да има и свој штанд во главниот дел на Саемот, рамо до рамо со компании како Lockheed Martin, Boeing, ULA, RocketLab, SpacePort и слични. Нивнот продукт кој што ја мери количината на сончева енергија на дадено подрачје и со 98% сигурност ја проценува исплатливоста на инвестицијата во соларна енергија, со што овозможува избор на идеалната локација за поставување на фотоволтаици преку користење на сензори, предизвика голем интерес кај посетителите. Продуктот може да се користи и од страна на компании или домаќинства, но и за големи стратешки проекти на државно ниво.
Во рамки на престојот во Хјустон тимот го посети и Џонсон Спејс Центарот на НАСА специјализиран за мисиите со астронаути, и можеше во живо да види како изгледа Центарот за контрола на вселенските мисии, а посебно комуникацијата со тричлениот екипаж на Меѓународната Вселенската Станица и како се решаваат предизвиците.
Членовите на Свифт Дата како матуранти победија на натпреварот NASA Space Apps Challenge во Република Македонија во 2017 година, по што ја основаа својата стартап компанија и паралелно со факултетските обврски во континуитет работат на развој и унапредување на нивниот производ. Тие се пример како младите луѓе со посветеност и работа можат да бидат препознаени и на светската стартап сцена дури и од Македонија.