Еден од најголемите македонски трговски синџири, Стокомак, планира да влезе и да се прошири на српскиот пазар, јави дописникот на МИА од Белград.
Стокомак формираше седиште за Србија во Ниш, додека неодамна купи интернет домен за српскиот пазар. Почетокот на работењето на пазарот е планиран за првиот квартал на 2025 година.
-Почетокот на работењето на пазарот е планиран за првиот квартал на 2025 година. Нашата деловна филозофија и ориентација, како и досега, става акцент на задоволството на нашите потрошувачи, поради што нашата стратегија за развој на пазарот во Србија се планира на микро локации достапни за што е можно поголем потенцијал на потрошувачи. По детална анализа на пазарот во Република Србија, веруваме дека според концептот на нашиот бизнис имаме што да и понудиме на нашата целна група потрошувачи, а тоа е понуда со најдобар квалитет по најниски цени и секако брзо и ефикасно купување, изјави за порталот Retail Serbia Зоран Младеновиќ, извршен директор на компанијата Стокомак.
Тој додаде дека Стокомак веќе е во преговори со голем број продавници каде што потенцијално би можеле да ги отвориме нашите малопродајни објекти.
-Во моментов ја проверуваме документацијата и се надеваме дека многу брзо ќе можеме да ви дадеме информации во кои градови ќе бидат отворени првите маркети, додаде Зоран Младеновиќ за порталот Retail Serbia.
Компанијата Стокомак е основана во 1997 година и денес е една од најголемите македонски трговски групи со вкупно 73 објекти низ Северна Македонија.
Порталот Ретајл Србија потсетува дека на српскиот пазар планираат да влезат и францускиот синџир Карфур и италијанскиот Еуроспин, како и најголемиот полски синџир Забка.