Макпетрол во ноември нема да доставува гас за топланите Исток и Запад

Макпетрол АД во ноември нема да доставува природен гас за потребите на топланите Исток и Запад во Скопје со кои стопанисува АД ЕСМ.

Како што информираа денеска од Макпетрол АД, на 12 октомври доставиле понуда до АД ЕСМ за количините природен гас потребни за топланите Исток и Запад за месец ноември, но не добиле потврда од ЕСМ.

„Крајниот рок за прифаќање на понудата од страна на АД ЕСМ измина вчера, до кога Макпетрол АД мораше да ги најави и плати потребните количини кај својот добавувач. АД ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол АД ги најави останатите количини за своите потрошувачи без количините потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад“, соопшти Макпетрол АД.

Од Владата вчера информираа дека во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени понудите за набавка на потребните количини природен гас за следниот месец. Покрај од „Макпетрол“, се очекуваат понуди од уште две до три компании.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

„Веќе е пристигната една понуда од компанијата ‘Макпетрол’ за потребните количини за ноември, меѓутоа очекуваме уште неколку други понуди. Ќе видиме, која ќе биде најконкурентната, таа ќе биде прифатена. Гасот којшто треба да се добие во понудите за наредниот период, ќе биде гас којшто е потребен за топланите Исток и Запад, вклучително и Север доколку се склучи договорот, но исто така и за работа на приватната централа ТЕ-ТО за да се стави во функција од ноември, со цел да се произведе повеќе електрична енергија, да го зацврстиме електроенергетскиот систем во државата, но исто така и да добиеме топлинска енергија, којашто ќе задоволи 60 проценти од топлинската енергија што е потребна за загревање на градот Скопје“, изјави вчера директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Овој енергенс засега се купува месец за месец, односно до 20-ти во месецот се прибираат понудите за наредниот месец.

МИА

- Реклама -