Макрон не гледа волја кај Путин да ја запре војната, Зеленски вели дека руската страна омекнала во преговорите

Денешниот телефонски разговор на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот претседател Владимир Путин, бил „многу искрен и тежок“. Вака Елисејската палата го опиша разговорот во кој францускиот и германскиот лидер час и половина барале од Путин да запре опсадата на градот Мариупол во Украина, каде ситуацијата е „човечки неодржлива“, како што посочува француското претседателство, јави дописникот на МИА.

Како што се наведува во соопштението од Елисејската палата, на крајот од разговорот „Владимир Путин не покажал волја да ја запре војната“, а Франција не забележува некаков знак дека ќе се смири состојбата, од негова страна.

„Како резултат на тоа, ние ќе преземеме нови санкции во наредните часови против Русија“, се посочува во соопштението.

Германската влада, пак, соопшти дека за време на „75-минутниот“ разговор Шолц и Макрон повикале на итен прекин на огнот во Украина и да почне да се бара дипломатско решение. Во соопштението се наведува и дека било договорено да не се изнесуваат повеќе детали за телефонскиот разговор.

Во соопштението на Кремљ, пак, се истакнува дека тројцата лидери разговарале за „прашања поврзани со договорите што се разработуваат за исполнување на барањата на Русија за Украина“.

Од Кремљ велат дека Путин детално зборувал за серијата разговори меѓу руските и украинските претставници кои се одржале изминатите денови во видео формат (за што денеска соопшти и портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков).

„Во таа насока, лидерите на трите земји разговараа за некои прашања поврзани за изработката на договори за спроведување на познатите руски барања. Договорено е да се продолжат контактите за украинските прашања“, се посочува во соопштението.

Кремљ исто така наведува и дека Путин апелирал Макрон и Шолц да влијаат врз „акциите на Киев против цивилното население“.

„Конкретно, беа наведени бројни факти за грубо кршење на меѓународното хуманитарно право од страна на украинските безбедносни сили, вонсудска репресија на противниците, земање заложници и употреба на цивили како жив штит, поставување тешко оружје во станбени области во близина на болници, училишта, градинки и слично“, велат од Москва.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Во соопштението на Елисејската палата, меѓутоа, беше истакнато дека обвинувањата на Путин за „флагрантно кршење“ на хуманитарното право од страна на украинските сили – се само обични „лаги“.

Претходно Шолц и Макрон се слушнаа со Путин во четвртокот, кога бараа итен прекин на огнот од страна на Русија, но Москва ги отфрли барањата.

Макрон, пак, од почетокот на кризата постојано ја истакнува потребата да се држат отворени каналите за комуникација со Русија. Тој досега имаше девет телефонски разговори со Путин.

Во однос на преговорите, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска истакна дека кај Русија се забележува „фундаментално поинаков пристап“ во преговорите во споредба со претходно, и оцени дека украинските и руските преговарачки тимови почнале да разговараат за конкретни теми, наместо за ултиматуми. Зеленски, притоа, посочи дека Западот досега не е доволно вклучен во преговорите, повикувајќи го повеќе да се инволвира во обидите за запирање на војната.

САД, пак, возвратија дека се подготвени за „дипломатски чекори кои би биле корисни за Киев“.

„Доколку можеме да преземеме дипломатски чекори, за кои украинската Влада верува дека ќе бидат корисни, ние сме подготвени да ги преземеме“, посочи портпаролот на Стејт департментот, потенцирајќи дека САД постојано се обидуваат да им обезбедат на Украинците што е можно посилна преговарачка позиција, да го зголемат притисокот врз Русија со наметнување високи трошоци и да обезбедат безбедносна помош за украинската одбрана.

Зеленски посочи дека идните мировни преговори со Русија може да се одржат во Ерусалим, Израел. Досега се одржани три рунди преговори на ниво на делегации, првата на украинско-белоруската граница, а следните две на полско-белоруската граница.

Извор: МИА

- Реклама -