Макрон: Неопходна беше реформа на пензискиот систем

Францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиско обраќање до нацијата изјави дека го слушнал гневот на луѓето во Франција поради зголемувањето на старосната граница за пензионирање, но додаде дека е неопходно да се одржи пензискиот систем.

Тие измени се потребни за да се гарантира правото на секого на пензија. Тие претставуваа напор, тоа е вистината, наведе Макрон, откако на 15 април стапија во сила реформите на пензискиот систем.

Макрон истакна дека за законот нема консензус со синдикатите и другите политички партии.

За денеска Макрон ги повика претставниците на синдикатите на разговори, но тие одбија средба.

Макрон најави разговори во следните месеци за „клучни теми“, како што се зголемување на платите за вработените, напредување во кариерата, подобра распределба на општественото богатство и подобрување на работните услови, особено за постарите работници.

Макрон во саботата го потпиша Законот за пензиската реформа еден ден откако одобрен од Уставниот совет.

Реформата, што предизвика масовни протести, предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години до 2030 година и најмалку 43 години работен стаж за целосна пензија.

МИА

- Реклама -