Парламентот на Малезија денес усвои нов закон со кој се забранува емитување на лажни вести. Критичарите сметаат дека законот ќе биде злоупотребен против опозицијата во очи општите избори, кои се очекува да бидат распишани во следните неколку дена.
Законот е усвоен со 123 гласа „ЗА“ и 64 „ПРОТИВ“. Првично била предложена казна затвор од 10 години и парична до 128.000 долари, но потоа властите „попуштија“ и ја намалија максималната затворска казна на 6 години.
Активистите за заштита на човековите права, меѓутоа, велат дека новиот закон ќе служи за задушување на дискусиите околу финансиските скандал во кој е замешан премиерот Наџиб Разак.
Интересно е што законот не се однесува само на државјаните на Малезија, туку и на меѓународните медиуми кои известуваат за Малезија. Аналитичарите предупредуваат дека не е јасно како новиот закон ќе биде спроведуван, како и дека носи голем ризик од злоупотреби. Згора на тоа, практично е бескорисен ако власта е таа што објавува лажни вести.
Малезиската министерка за правда уште во февруари изјави дека законот е неопходен, бидејќи лажните вести ја загрозувале националната безбедност.