„Мали проблематични девојки“ – најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“

Со доделување на наградите синоќа заврши 4. издание на фестивалот „Преку езерото“. Наградата за најдобар медитерански филм ја освои „Мали проблематични девојки“ од Уршка Ѓукиќ.

Во рамките на фестивалот беа прогласени победниците и доделени наградите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобра актерка и најдобар актер, како и наградата за најдобра оригинална филмска музика и за најдобар краткометражен филм. Овие награди беа доделени од жирито, во составот: Христос Пасалис, Теодосија Добријанова и Игор Анѓелков.

Дополнително, беше доделена наградата за најдобра медитеранска приказна, која ја одреди Студентското жири на фестивалот, различно од главното жирито, признавајќи доминантната улога на младите и нивните приказни.

– Во изминатите неколку дена имавме можност да видиме многу убави и различни филмови од различни земји. Секој од нив донесе уникатен стил и тема, истакнувајќи важни прашања кои ги опкружуваат Балканот и Медитеранот. Регионот беше претставен не само како транзит, туку и како конечна дестинација, домување, но и како ладен и недоследен домаќин. Филмовите создаваат палета на човечки искуства, блиски до нас. Гледањето на овие филмови беше привилегија, а учеството во жирито – задоволство, но и тежок товар. Вечерва, на затворањето на фестивалот, со задоволство ви ги претставуваме победниците, изјави Христос Пасалис, претседател на жирито.

Наградата за најдобар медитерански филм ја доби “Мали проблематични девојки” поради својот автентичен пристап кон моминските искуства и тинејџерската сексуалност. Ова е длабоко и женствено дебитантско дело, кое отворено се занимава со темата на преминување од детство во зрелост.

Наградата за најдобар краток филм беше поделена помеѓу „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау и „Бланш“ од Јоана Ракотариса.

Наградата за најдобра музика ја освои филмот „Било каде било кога“ на Милад Тангшир, чија музика игра значајна улога во наративот, создавајќи носталгичен амбиент во улиците на Торино.

Најдобра актерка стана Фереште Хосеини за нејзиното импресивно толкување на модерната Антигона. Хосеини прикажува млада жена која, и покрај тешкото опкружување, се бори против стереотипите и бара да биде слушната.

Наградата за најдобар актер му припадна на Акилас Каразисис за улогата во филмот „Месо“.

Најдобар режисер е Уршка Ѓукиќ, призната за креативниот процес на откривање на сложеноста на младоста преку автентичено раскажување, сликоејќи желби, сексуалност и верба.

Студентското жири ја додели наградата „Најдобра медитеранска приказна“ на „Било каде било кога“, нагласувајќи како вечните теми можат да се преосмислат во реални приказни за денешницата, подигнувајќи свест за борбите на имигрантите.

По доделувањето на наградите, менторите на работилницата за развој на дипломски и дебитантски краток филм и директорот на фестивалот, проф.д-р Јани Бојаџи, објавија имена на добитниците на грантови за развој и продукција, по што следуваше проекција на филмот „Постојам“ на Јоргос Цимберопулос (Грција).