Манчевски: Овие избори беа по барање на ВМРО-ДПМНЕ, додека Заев беше најкоректен, тие се радуваа

„Овие избори беа предвреме одржани поради барањето на опозицијата, поради тоа што државата не доби зелено светло за почеток на преговори со ЕУ, а претседателот на СДСМ и тогашен премиер – Зоран Заев, инсистираше да се оди на избори затоа што е најкоректно и најдемократски, додека за тоа време, опозицијата се радуваше“, посочи потпретседателот на СДСМ – Дамјан Манчевски, денеска од собраниската говорница.

Тој истакна дека во меѓувреме, поради одложување на изборите заради корона кризата, пристигна и членството на НАТО и зеленото светло за почеток на преговорите во ЕУ.

Манчевски посочи дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ изгуби три избори по ред, како и дека целата реторика и кампања им беше националистичка, без став и со тенденција на враќање на државата наназад кон лаги и омраза, нешто што, според него, граѓаните го препознаа и го покажаа и на последните избори преку нивната слободна волја и давањето на својот глас.

Манчевски ги критикуваше ВМРО-ДПМНЕ дека сѐ уште никако не сфаќаат дека се поразени од граѓаните, дека граѓаните веќе не сакаат да слушаат за конфликти и поделби, како и дека веќе три години граѓаните немаат видено добра програма од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

„Денес имаме членство во НАТО, наскоро и отворање на поглавјата за евроинтеграција, имаме раст на плати, на пензии, бројни мерки и политики. Додека за тоа време, ВМРО –ДПМНЕ губи на избори“, рече Манчевски.

Тој истакна дека следните години економијата и правдата се приоритетните области на кои посветено ќе се работи.

„30 години чекавме нешто да се случи, државата да се придвижи напред и денес конечно горливите теми се зад нас. Денес, може да зборуваме за многу бројки. Нашето ветување – парите назад кај граѓаните, се случува. Зарем во време на криза не требаше да понудиме помош на граѓаните, на стопанството, на државата“, ги адресираше Манчевски, меѓу другото, и обвинувањата за предизборен поткуп со државни пари, а во име на помош за намалување на последиците од пандемијата.

„За време на ВМРО-ДПМНЕ земјава беше 93 места подолу на листите на Фридом хаус и Репортери без граници. Денес, го враќаме рејтингот. Денес луѓето не се плашат што ќе кажат. Граѓаните не сакаат лажни вести, не сакаат да слушаат за поделби, туку сакаат да слушнат за што се залагаме“, рече Манчевски.

- Реклама -