Манчевски се повлекува од политиката и партиските функции, посебно им е благодарен на Заев и Шекеринска

Екс-министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски, се повлекува од политиката и ќе ѝ се врати на својата професија.

Причината, како што вели во статусот на Фејсбук каде ја соопшти веста, е што прифатил ангажман во приватниот сектор кој е неспоив со било каков политички ангажман. Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлекол од сите јавни функции кои ги извршувал, поднел оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ, информираше Манчевски.

„Професионално во политиката влегов кога беше најтешко, во 2015 година. Срушивме режим на мирен начин, земјата е членка на НАТО, отворен ни е патот кон членство во ЕУ, ја вративме слободата и демократијата, платите растат… Не беше лесно. Многу преживеавме заедно. Но, денес Северна Македонија е на вистинскиот пат и следат уште подобри времиња.

Одлучувам да ја напуштам политиката кога можеби најмалку се очекуваше. После победа и нов мандат. Сепак, решив да се вратам на професијата и во приватниот сектор. Влегувам во нова борба. Време е за нови предизвици.

Оваа моја одлука нема никаква врска со било која состојба во политиката. Таа е лична и само моја. Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор.

Оваа одлука во исто време е и доста емотивна за мене. Пред сѐ заради моите другарки и другари, со кои сѐ правевме заедно. Како што знае да каже еден од нив, станавме сестри и браќа по крв. Нашата приказна е за холивудско сценарио во неколку продолженија. Но, токму заради нив можеби и ја донесов оваа одлука. Затоа што знам дека Зоран, Радмила, Оливер, Љупчо, Мила, Муки, Коста, Никола, Фатмир, Јовче, Петре, Бајдо, Роберт, Марјан, Дуле, Бојан, Сања, Јагода, Благој и сите други ќе ми обезбедат да имам нормална работа во нормална држава.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Дозволете да се заблагодарам на сите со кои работев заедно. Многу се. За сѐ она што го жртвуваа и дадоа. Да се заблагодарам на моето семејство за сѐ што издржа и претрпи заради мене. Да не беа тие, немаше да ме биде ни мене.
Посебно сакам да се заблагодарам на претставниците на граѓанскиот сектор, медиумите, меѓународната заедница, синдикатите и стопанските комори, за тоа што беа партнери во борбата за демократија и подобри услови за живот.

Но, особено сакам јавно да се заблагодарам на двајца.

1. Зоран Заев. Тој не е човек, тој е човечиште. Да му се заблагодарам за храброста, вербата и посветеноста. Да му се заблагодарам за жртвата. Да му се заблагодарам што бев дел од историјата која ја создадовме. За довербата што секојдневно ми ја дава, уште од кога ме покани да му бидам шеф на кабинетот во партијата во 2008 година. Но, највеќе од се за неизмерното другарство.

2. Радмила Шекеринска Јанковска. Уште кога имав 18 години, ме воведе и ми даде шанса во политиката. Цело време, а и ден денес, ми е пример за принципиелност и работливост. Пример за борец, кој не се предава и никогаш не ги става личните интереси во прв план.

Ова не е збогум. Останувам со Вас. Останувам во државата, да ја споделувам судбината и борбата за подобар живот со сите наши граѓанки и граѓани.

Драги мои, се гледаме во друга прилика“, напиша Манчевски.

- Реклама -