Мапираното срце на Плутон

plutoHEARTmarked

Пред околу една недела, НАСА создаде геолошка мапа на попопуларниот срцевиден регион на Плутон. Мапата покажува колку всушност комплексна и разновидна е планетата-џуџе.

Според научниците на НАСА, кои работат на мисијата „Нови хоризонти“ (New Horizons), благодарение на која се случи првото историско прелетување покрај Плутон – на 14 јули 2015 година, се работи за рамнината „Спутник“ (Sputnik Planum) – џиновска рамнина од азотен мраз сместена на левата страна на срцевидниот регион „Томбо“, именуван по американскиот астроном Клајд Вилијам Томбо, кој го откри Плутон во далечната 1930 година.

1-1-_1456051574[1]

Според НАСА, картата опфаќа цели 2070 километри, од горе до долу, со голема резолуција од 320 метри на пиксел (некои делови се уште подетални). Новата мапа ќе им овозможи на истражувачите подетално да ја проучуваат различната површина на Плутон, а можеби ќе открие и клучни детали околу геолошката историја на планетата-џуџе.

Светло-жолтите региони на мапата претставуваат кратери кои се формирани при судири со метеори; ваквите кратери ги нема кај рамнината Спутник,што води кон заклучок дека овој дел од Плутон е формиран неодамна, пред метеорите да добијат шанса да формираат кратери на површината.

Другите бои ја претставуаат разноликоста на теренот, на мапата дефиниран преку текстурата и формата. Регионите со зелена боја се наречени „рамнини без карактеристики“, додека светло-сината означува „светли, целуларни рамнини“.

Прочитајте и:  Повеќе од 10 часа седење и лежење може да го ослаби срцето

Црните линии се канали, наменети да ги потенцираат „порите“ од азотен мраз во рамнината Спутник, за кои се смета дека се формирале како резултат на конвективни процеси – пренесување на топлина и трансфер на маса.

Црвената зона во долниот лев крај на мапата го покажува 4 километри високиот наводен вулкан Рајт Монс (Wright Mons), за кој се смета дека еруптира мраз наместо лава. Научниците на НАСА сé уште не можат со сигурност да одредат зошто материјалот околу вулканот, кој изгледа црвено-кафен на колор фотографиите од New Horizons, не се појавува и на други места на површината на планетата.

2-1-_1456051585[1]

Картата е изработена со помош на камерата со голем домет – LORRI (Long-Range Reconnaissance Imager), која го сликаше Плутон на оддалеченост на 77.300 километри, на 14 јули минатата година.

Во тоа време, „Нови хоризонти“ се наоѓаше на само 2 часа од најблиското прелетување покрај Плутон, што ја доближи сондата на само 12.550 километри од површината на џуџестата планета.

- Реклама -