Луѓе тренираат со години и инвестираат сериозни пари во професионална опрема за трчање за да можат да комплетираат ултрамаратон. Марија Лорена Рамирез од Мексико – која зад себе нема ниту еден професионален тренинг, тоа го направи по домашен фустан и папучи. Не само што го комплетираше 50-километарскиот маратон, туку и победи.
Квалитетни патики за трчање, стегачи, костуми од ликра, енергетски пијалоци… ништо од тоа не ѝ беше потребно на 22-годишната Рамирез, која кога не победува на маратони – е обична овчарка. На стартната линија на женскиот ултрамаратон во Пуебла, таа се појави само со шише вода, капа и марамче за да ја брише потта. Меѓу 500-те натпреварувачки од 12 земји ширум светот, Рамирез изгледаше како залутана домаќинка што само што завршила со готвење на ручекот. Ама сепак трчаше.
Марија е припадник на народот Рарамури (познати и како Тарахумара). Тие важат за најдобри „трчачи“ во Мексико, а самата таа е сметана за една од најбрзите маратонки во својата заедница. Сепак, тешко дека некој воопшто и помислуваше дека може да победи, особено не во папучи. Но по 7 часа и 3 минути трчање, тоа и се случи, а Марија освен право на фалење, доби и награда од 6.000 пезоси (320 долари).
Како што рековме, освен тие 10-15 километри што секој ден ги поминува со овците, воопшто не тренирала за маратонот. Тогаш како знаат нејзините сонародници дека е една од најбрзите маратонки? Затоа што победата на овој маратон во Cerro Rojo (на 29 април) не ѝ е прв голем успех. Лани беше втора на 100-километарскиот ултрамаратон во Caballo Blanco во Чилхуахуа.
Рарамурите се легендарни маратонци со необична физичка кондиција. Користат само природни суплементи како pinole (не нé фаќајте за збор, ама се прави од мелена печена пченка, помешана со шеќер и вода) и iskiate (семе од чија помешано со вода и сок од лимон), а трчаат стриктно боси или со традиционални пре-колумбиски сандали наречени „хуарачи“. Ѓоновите изворно ги правеле од тенка кожа, но денес преферираат ѓон од тенка гума од стари автомобилски гуми. Се врзуваат за стапалото со парчиња платно. Името „Рарамури“ е тесно поврзано со трчањето. Доаѓа од „рара“ – стапало, и „мури“ – трчање.
Неверојатното постигнување на Марија Лорена Рамирез предизвика многу прашалници во светот на спортот. На толку напредок во атлетската технологија и спортски ѕвезди што се практично синоним на големите брендови, се појавува некоја си Мексиканка и покажува дека можеш да бидеш најдобар и без тоа.