Маричиќ: Нема да се откажеме од намерата и планот да направиме уставни измени во овој состав на Собранието

„Нема да се откажеме од намерата и планот да направиме уставни измени што поскоро во мандатот на овој состав на Собранието. Работиме и ќе работиме на тоа до последниот ден од овој мандат“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочувајќи дека земјата се наоѓа на крајот од првата фаза од преговорите и дека „од нас зависи дали ќе продолжиме понатаму или не“.

„Оваа обврска е од преговарачката рамка и, за жал, не би можеле да отстапиме“, нагласи тој.

„Овој парламентарен состав треба да се одважи и да ја заврши таа обврска, бидејќи ќе овозможи наредниот да биде посветен повеќе на реформите и на резултатите“, додаде вицепремиерот.

Според него, не би било добро оваа обврска „да премине и во наредниот мандат како прва задача“, а „голема илузија е ако сметаме дека таа обврска ќе исчезне и ако само се игнорира“.

„Ова, пред сè, се однесува на опозицијата и оние пратеници кои што сметаат на игнорирање на оваа обврска, која што денеска можеби им се чини премногу голема, но со текот на време ќе сфатиме дека била многу едноставна и во рамки на она што веќе го имаме направено во нашиот систем за други шест-седум заедници. И дека цената за сами да се блокираме ќе ја платиме навистина скапо. Се надевам дека нема да дозволиме да чекаме десетина години за да направиме нешто што можеме сега да го направиме за да ги продолжиме преговорите“, рече Маричиќ.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

„Сигурен сум дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, порано или подоцна ќе сфатат дека ова е обврска, товар од кој не можеме да избегаме. Сме се обиделе во минатото и со проблемот со Грција, но чекањето повеќе години и децении донесе само полоша позиција за нас“, додаде тој.

Прашан дали сме поблиску до уставни измени или до избори, Маричиќ рече дека изборите се на средината на следната година и терминот ќе биде утврден во следниот период и, како што нагласи, соодветно со законските рокови.

Извор: МИА

- Реклама -