Со заедничка акција на сите политички субјекти треба до 2030 да ја валоризираме шансата што ни е дадена, а ЕУ има план за земјава и за регионот – порача денеска, по средбите со европратениците, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Имаме многу поддржувачи и искрени пријатели во европските институции, меѓу кои и во Европскиот парламент. После средбите со европратениците од различни парламентарни групи, ја пренесувам пораката дека јасна е визијата за проширување на ЕУ, и дека европратениците и понатаму ќе бидат гласни за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија и регионот во ЕУ. Поддршката и повикот за европеизација на регионот од европските институции е сè посилен. Тоа го докажува и новиот план за забрзано приближување на Западен Балкан кон нашите европски партнери, претставен денес од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен“, вели Маричиќ.
Според него, имаме видлива европска перспектива и сега на нас останува, со одговорни одлуки, да ја достигнеме.
„Од нас се очекува напредок кон ЕУ со реформи, дијалог и консензус кога станува збор за европската иднина на македонските граѓани. Да го искористиме моментумот и да направиме чекори кои ќе дадат позитивни резултати и напредок. Ова долго го очекуваме и им го должиме на младите и идните генерации. Треба да ја разбереме итноста и неодложната задача која ја имаме пред нас да ја завршиме успешно. Неопходен е дијалогот помеѓу политичките партии кои делат европски вредности, за кои нема компромиси, или сме за ЕУ или не. Ова е ситуација во која ќе покажеме дека навистина сакаме Северна Македонија да биде во друштво и на маса со демократско развиените земји“, вели Маричиќ.
Покрај ЕУ, која, како што вели вицепремиерот, покажала дека има план и одговорност за нас, и ние имаме план, тврди тој.
„Имаме и ние план кој со заедничка акција на сите политички субјекти треба да го реализираме и до 2030 да ја валоризираме шансата којашто ни е дадена“, рече вицепремиерот во обраќањето.
Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, Маричиќ оствари средби со европратениците од групата на Прогресивна алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот Парламент, Тонино Пицула, Матјаж Немец и Андреас Шидер, со европратеничка од група на Зелените, Тинеке Стрике, австрискиот европратеник Кристијан Сагарц, известител во сенка на Европската народна партија за Република Северна Македонија во Европскиот парламент и Ираче Гарсија Перес, европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалдемократи во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез.
Извор: МИА