Маричиќ: Патот кон ЕУ ни е отворен, само треба да ги спроведуваме нашите обврски

За Северна Македонија патот кон ЕУ е отворен, само треба како држава да ги спроведуваме нашите обврски од целиот пакет и од Протоколот којшто беше потпишан во Софија, изјави вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ, во вчерашното издание на емисијата „Трилинг“ на ТВ24.

„Со одржавањето на првата Меѓувладина конференција и првата сесија на скринингот, на земјата ѝ се отвора еден пат за движење, на чекорење напред“, вели Маричиќ.

Во врска со унилатералната изјава за јазикот, Маричиќ истакна дека и земјава и Бугарија дале унилатерални изјави, но тие, според него, немаат никаква важност за целокупното користење на македонскиот јазик во Европската Унија, ниту пак за ставот на другите држави членки.

„Тоа значи само дека Софија изразува свој став, како што има изразено и во Обединетите Нации кога ни беше впишан македонскиот јазик. Ние го изразивме нашиот став и тоа прашање не очекуваме да се споменува понатаму. Очекуваме во наредните денови да го потпишеме договорот за ФРОНТЕКС со македонски јазик, каде што и Бугарија ќе го потпише како една од државите членки, и сметаме дека за нас ова прашање е затворено“, рече Маричиќ.

Извор: МИА

- Реклама -