Маричиќ: По уставните измени веќе никој, а особено Бугарија, нема да има кредибилитет за блокада

„Сите наши обврски со Бугарија се напишани на хартија и се вградени или во Преговарачката рамка или во заклучоците кои ги имаме од Советот на ЕУ од минатата година, така што она што можеме да го очекуваме е предвидливо“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, кој потенцира дека не очекува нови блокади од Бугарија по уставните измени.

Тој одговараше на новинарски прашања по потпишувањето на финансиската спогодба за ИПАРД 3, а ова го одговори на прашањето да даде коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) истакна дека Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања.

Маричиќ денеска рече дека не знае што кажал Османи, но напомена дека она што ќе се случува по уставните измени е извесно.

„Прво знаеме дека по завршувањето на уставните измени автоматски треба да се свика втората Меѓувладина конференција и за тоа имаме цврсто уверување и од шпанското претседателство и од наредните… Секоја држава-членка во текот на преговорите може повеќе пати да отвори прашање, но мислам дека по завршувањето на уставните измени веќе никој, а особено Бугарија, нема да има кредибилитет да прават каква било блокада, бидејќи сметам дека беа доволно блокади“, рече Маричиќ.

Прашан дали има сознанија за тоа каква е бугарската реакција на барањето во француско-германскиот предлог за укинување на тргнување на ветото во процесот, вели дека засега нема официјална реакција.

„Нема официјална реакција, но сигурен сум дека кога ќе дојдат тие теми да се дискутираат ќе има држави, не само Бугарија и други коишто ќе имаат забелешка на тој начин на менување на принципот, на едногласност во делот на проширувањето. Но, тоа е борба која што ние не треба да ја биеме, тоа е битка внатре во ЕУ. Ние треба да се погрижиме во моментот кога ќе дојде времето да се носи одлука за наше членство во ЕУ никој да нема против. Тоа ни е многу важно“, нагласи Маричиќ.

Во однос на можноста забелешките во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ), а кои во еден дел се однесуваат на правата на граѓани на земјава кои се самоидентификуваат како Бугари и дали е можно тие да бидат внесени во Акцискиот план, Маричиќ нагласи дека ЕКРИ е тело на Советот на Европа и оти Европската комисија сè уште не објавила извештај.

„Ние го имаме скрининг извештајот кој е усвоен од земјите-членки и очекуваме да добиеме покана за споделување, односно доставување на тие патокази. Ние не чекаме тоа да се случи, паралелно работиме на изготвување тие патокази, имавме два круга консултации со институциите и два круга консултации со граѓанските организации. Кога ќе добиеме формална официјална покана за доставување на патоказите ќе имаме формални консултации со граѓанските организации, а планираме и најмалку една сесија во Собранието, секако зависно како ќе одлучи Собранието да ја изврши консултацијата, дали преку Националниот совет за европски интеграции или преку Комисијата за европски прашања или на заедничка седница, оставаме простор предлог дадат собраниските тела и Собранието. Имаме и експертски тимови во МНР еден работи на Акцискиот план, другите се водени во СЕП“, рече Маричиќ.

Додаде дека досега немало такви разговори ниту со Бугарија и оти смета дека сите извештаи и тие што ни одат во прилог и останатите треба да бидат разгледани. Маричиќ потенцира дека смета оти имаме многу факти и во однос на законската рамка и во однос на институционалната пракса да докажеме дека во државава системска дискриминација не постои против никого.

„Отворени сме за подобрување и утврдување на статусот на која било заедница кај нас, бидејќи тоа се наши граѓани, но во никој случај не се согласуваме дека постои дискриминација само кај една етничка група“, рече Маричиќ.

Во однос на уставните измени тој истакна дека процедурата е почната, а гласањето ќе се случи во оној момент „кога ќе бидеме сигурни дека има добри шанси за 80 гласа“.

„Инаку претходно нема зошто да го отвораме. Ние, како што кажа и премиерот, неколку пати разговараме со сите пратеници, спремни сме и сметаме дека има уште време за да се донесат вистинските одлуки. Секако помалку време има со секој изминат ден, но имаме доволно време сите обврски да ги завршиме до крајот на оваа година. Работиме паралелно на сите процеси, и на патоказите и на Акцискиот план и на уставните измени“, рече Маричиќ.

Во однос на тоа дали ќе има посебни консултации со опозицијата за патоказите, Маричиќ изјави дека и досега биле отворени за понуди и тој имал средби во минатото со претставниците на опозицијата во Собраниете, врзано за овие прашања.

„Планираме веднаш откако официјалнио ќе ја добиеме поканата од Советот на министри на ЕУ да доставиме писмо до претседателите на двете тела, кои се занимаваат со евроинтеграциите, тоа е Националниот совет за евроинтеграциите, каде претседател е пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ и Комисијата за европски прашања, каде претседател е пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми. Секако и со претседателот на Собранието ќе поразговараме, кој е најдобриот начин, како да се вклучи опозицијата во давање мислење за овие патокази“, рече Маричиќ, кој додаде дека тоа е сериозен процес, кој не трпи партиско-политички препукувања.

Извор: МИА

- Реклама -