Маричиќ: Пред нас е период на големи предизвици, треба да ја оправдаме и довербата што ни ја укажа ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска од Брисел, каде присуствуваше на првата меѓувладина конференција на земјава со Европската Унија, испрати честитки до граѓаните по повод „почетокот на преговорите“ со кои, како што вели, за земјата и граѓаните е обезбедена поинаква и подобра иднина.

„Сè што правевме досега, сите напори, труд и заложбата кои ги вложивме во процесот на евроинтеграција и негово деблокирање, е направено за нашите граѓани да живеат подобро и како сите останати европски народи“, напиша вицепремиерот на својот Фејсбук профил.

Маричиќ, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), вели дека со денешната прва Меѓувладина конференција земјата ги отвара преговорите со Унијата, со што формално станува дел од процесот на пристапување кон големото европско семејство. Маричиќ е категоричен дека овој пат има само еден крај – полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ.

„Пред нас е период на големи предизвици во кој уште повеќе ќе мора да работиме и да се посветиме на реформите, за да ја оправдаме довербата што ни ја укажа ЕУ, но и да ги реализираме очекувањата на нашите граѓани“, додава Маричиќ.

Според него, ова е најважниот настан за земјава по членството во НАТО, и со тоа се исполнува уште една стратешка цел која го одредува патот по кој треба да тргне нашето општество.

Извор: МИА

- Реклама -