Маричиќ: Процесот на пристапување кон ЕУ де јуре и де факто започна пред два дена

„Ги започнавме преговорите онака како што ветивме, со заштитен македонски јазик и идентитет. Сѐ е направено пред сѐ заради нас, за нашите граѓани и за нашите деца да живеат подобро и да живеат како сите останати европски народи“, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

„Де јуре и де факто, процесот започна пред два дена на 19 јули кога ја одржавме првата меѓувладина конференција која ја означува последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија“, рече Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека тоа е наша стратешка определба од осамостојувањето на државата, која станува реалност по 21 година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и 17 години откако го добивме статусот кандидат за членство во ЕУ.

„Во наш интерес е да ги оствариме нашите два интереса – да го заштитиме нашиот македонски јазик, идентитет и посебност и да станеме членка на ЕУ. Тоа се наши цели уште од осамостојувањето и како Влада сметавме и сѐ уште сметаме дека се остварливи цели и дека во исто време можеме да останеме Македонци кои говорат македонски јазик и да бидеме членки на Европската Унија. Мислам дека сме на добар пат тоа да го оствариме“, потенцира Маричиќ.

Тој рече дека во изминатите пет години по сите параметри се направени сериозни чекори за заштита на македонскиот јазик и идентитет.

„Токму во овој период е впишан македонскиот јазик во Обединетите нации, во Советот на Европа, во НАТО, ОБСЕ и во сите меѓународни организации каде Република Северна Македонија е членка. Тоа е многу поважно и попатриотски од која било друга симболика. Со комплетирањето на овој процес во Европската Унија и затворањето на јазикот можеме да се фокусираме на другите теми и со самодоверба да влеземе како Македонци во овој процес“, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.

Тој повтори дека веќе 45 отсто од нашето законодавство е усогласено со европското и додаде дека постојано се зголемуваат капацитетите за превод, на македонски јазик.

„Скринингот се состои од две фази. Објаснувачки скрининг каде Европската комисија на државата кандидат ѝ ги презентира клучните правни акти за секое поглавје, и билатерален скрининг каде земјата кандидат го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство согласно со презентираните акти на ЕУ за време на претходната фаза, но исто така и институционалните капацитети и спроведувањето на законите“, посочи Маричиќ.

Скринингот, подвлече Маричиќ, иако се гледа како техничка операција, мора да се гледа како суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ја дава сликата за сѐ што треба да направиме во годините што следат со цел да ги спроведеме реформите од ЕУ агендата и да ги отвориме, да напредуваме и да ги затвориме поглавјата и кластерите.

Како што посочи Маричиќ, скринингот по кластери и поглавја официјално почнува на 15 септември и тој ќе се спроведува истовремено и за нашата земја и за Албанија. Очекува скринингот да заврши за најмногу 16 месеци. Тоа, како што рече, се должи на фактот што земјава веќе во 2018 и 2019 година помина една фаза на објаснувачки и подготвителни состаноци за сите 33 поглавја пред да се објави новата методологија за проширување на Унијата, што е наша предност. Во овој период, прецизира, Европската комисија ни презентираше преку 8.000 ЕУ акти. Во тоа беа вклучени околу 2.000 наши државни служебници во сите 33 поглавја.

„Врз основа на ова искуство, овој пат ќе ни биде полесно да се подготвиме за ажурирањето на законодавството на ЕУ, односно не почнуваме од нула. На првата скрининг сесија во Брисел во вторникот ни беше најавено дека по одржувањето на меѓувладината конференција ни следи процес кој ќе се состои од две фази – ажурирање на објаснувачкиот скрининг на кој Европската комисија ќе го претстави новиот корпус на законодавството на ЕУ од 2019 година до денес и ќе даде подетално објаснување за областите кои по првпат се вклучени во преговорите. Тоа треба да трае околу шест недели, по што следува втората фаза – билатералниот скрининг на кој ќе треба да го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони и плановите за натамошно усогласување, како и планот за градење на капацитетите на институциите и на администрацијата и да ги декларираме потребните човечки, финансиски и информатички ресурси за спроведување на европските стандарди“, објасни Маричиќ.

Ќе треба, додаде тој, да се идентификуваат и евентуалните области и прашања за кои би барале транзициски периоди, односно правилата на ЕУ да стапат насила подоцна од нашето членство, прецизирајќи дека календарот на состаноци го дефинира Европската комисија.

„Последниве 17 години сме работеле во многу области и не сме чекале да ги почнеме преговорите за да го усогласуваме нашето законодавство со европското. Секако дека имаме проблеми и предизвици особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, но затоа е процесот на скрининг за да врши еден вид позитивен притисок и мотивација на институциите и на целото општество да се променат парадигимите. Мислам дека ние веќе имаме напредок во тој дел и имаме случаи на висока корупција решени во судот како ниту една држава во регионот“, рече Маричиќ во одговор на новинарско прашање.

Тој посочи дека влегуваме во процес кој ќе ни даде рамка, мотив и иницијатива да одиме што побрзо со реформите.

„Ако Србија и Црна Гора преговараат 10 години, а ние и Албанија почнуваме сега, треба да имаме мотив да дојдеме отприлика на исто ниво на фаза на отворени и затворени поглавја за да се надеваме дека имаме шанса да влеземе заедно со Србија и Црна Гора кога и да биде првото наредно проширување на ЕУ“, рече Маричиќ.

Тој ги претстави шесте кластери на преговарачки поглавја/теми и појасни за секоја од нив какви се нашите обврски и начинот за нивно усвојување.

Кластер 1. Фундаментални вредности

23 -Правосудство и фундаментални права

24 -Правда, слобода и безбедност

Економски критериуми

Функционирање на демократските институции

Реформа на јавната администрација

5 -Јавни набавки

18 –Статистика

32 -Финансиска контрола

Кластер 2. Внатрешен пазар

1-Слободно движење на стоки

2-Слобода на движење на работници

3-Право на основање и слобода на давање услуги

4-Слободно движење на капитал

6-Право на трговски друштва

7-Право на интелектуална сопственост

8-Политика на конкуренција

9-Финансиски услуги

28 –Заштита на потрошувачи и здравствена заштита

Кластер 3. Конкурентност и инклузивен раст

10 -Информатичко општество и медиуми

16 –Оданочување

17 -Економска и монетарна политика

19 -Социјална политика и вработување

20 -Претпријатија и индустриска политика

25 -Наука и истражување

26 -Образование и култура

29 -Царинска Унија

Кластер 4. Зелена агенда и одржлива поврзаност

14 -Транспортна политика

15 –Енергија

21-Трансевропски мрежи

27 -Животна средина и климатски промени

Кластер 5. Ресурси, земјоделство и кохезија

11 –Земјоделство и рурален развој

12 -Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика

13 –Рибарство

22 –Регионална политика и координација на структурни инструменти

33 –Финансиски и буџетски одредби

Кластер 6. Надворешни односи

30 –Надворешни односи

31 –Надворешна, безбедносна и одбранбена политика.

 

Извор: МИА

- Реклама -