Маричиќ: Треба да се разгледа идејата за брз влез во ЕУ со замрзнато право на вето

Постојат идеи кои се презентирани од некои организации, аналитичари и тинк-тенкови, особено од Париз и Виена. Има поединци кои ја промовираат идејата да се даде поскорешен датум за членство на државите од Западен Балкан, но со одредени нетипични дерогации. Одредени права да им бидат замрзнати првите пет или 10 години, како правото на вето или правото на комесар, истакна вечерва вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Тој, во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ24, нагласи дека тоа е идеја за која вреди да се разговара, бидејќи за нас е битно да влеземе во системот за политичко одлучување преку Европскиот парламент и Советот за министри што поскоро.

„Правото на вето и правото да се избира комесар од кај нас, дури и да дојдат подоцна, не е страшен проблем, бидејќи секако на државите им требаат пет до 10 години да се социјализираат во тој нов систем. Ние сакаме во ЕУ заради прифаќањето на тие вредности и стандарди, влез на заедничкиот пазар и учество во крупните одлуки“, рече Маричиќ.

Според вицепремиерот, подобро е да сме на маса отколку да чекаме уште 10 години за ЕУ да се реформира и секако да ги немаме тие права.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Во контекст на уставните измени, Маричиќ истакна дека не може да велиме дека сме за ЕУ, а да не носиме одлуки за тоа.

„Ние треба да сфатиме дека не е возможно да притискаме на кочница и гас во исто време. Не може да велиме дека сме за ЕУ, а да не ги носиме одлуките кои нѐ носат таму. Колегите од опозицијата мора тоа да го прифатат и да изберат. Оваа година е клучна за расчистување на овие дилеми“, рече вицепремиерот.

Според него, невозможно е било кој искрено и чесно да тврди дека е за членство во ЕУ, но „под наши услови“, бидејќи, како што вели Маричиќ, ниту една држава не влегла под свои услови.

„Имаме договор кој ни гарантира брз почеток на наредната фаза од преговорите, што потоа ќе покаже дека во однос на многу прашања сме понапред дури и од држави кои преговараат 10 години“, уверува тој.

Во однос на парламентарните избори, Маричиќ вели дека тие  немаат никаква врска со уставните измени и дека двотретинското мнозинство е потребно за државата да оди напред, а не за Владата.

Извор: МИА

- Реклама -