Маричиќ: Вредни се за разгледување сите барања на Мицкоски кои се движат во Преговарачката рамка

Вредни се за разгледување сите барања, очекувања или услови на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои се движат во Преговарачката рамка, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервју за Македонското радио.

„Мицкоски изнесе повеќе услови за гласање. Според мене, добро е што дијалогот започна и добро е што се премина таа линија на табу околу гласањето, односно околу поддршката за внесот на Бугарите во Преамбулата и во нашиот Устав. И не само Бугарите туку сите оние заедници, и Словенците, Хрватите, Црногорците и сите оние коишто би требало да бидат спомнати во Преамбулата. Добро е што се премина таа линија и дека не е повеќе табу да се гласа за уставните измени. Од друга страна, сите барања или сите очекувања или услови на господинот Мицкоски се вредни за разгледување, оние коишто имаат втемеленост во реалноста, односно оние коишто се движат во Преговарачката рамка“, вели Маричиќ.

Сепак, тој нагласи дека одложеното дејство на уставните амандмани, кое го бара ВМРО-ДПМНЕ, излегува од Преговарачката рамка и, како што вели, нѐ враќа повторно на маса да преговараме одново и со ЕУ и со Бугарија околу условите.

„Тоа секако значи враќање многу чекори назад и мислам дека тоа не ни треба, но за сите други прашања  -околу формулата, дали би влегле во широка Влада, кога, под кои услови, со кого, сето тоа е вредно да се разговара доколку тоа помага во ставот на ВМРО -ДПМНЕ да гласа за уставните измени“, рече Маричиќ.

Сумирајќи ги пораките од третото издание на Преспа форумот за дијалог, Маричиќ истакна дека општиот заклучок е дека членството на земјава во ЕУ до 2030 година е возможна мисија, но дека потребен е напор од двете страни за тоа да се оствари.

„Имавме многу квалитетни дискусии и сметам дека од сите тие дискусии може да се заклучи дека апсолутно е возможна мисија зачленувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година, но секако не е гарантирано. Треба да се одработи, треба да се исцрта патот и од ЕУ и од државите на Западен Балкан. Потребни се секако оние неопходни реформи за коишто сите знаеме, потребно е да се стават под извесен вид на контрола, односно патека, билатералните спорови во регионот, бидејќи ги има повеќе, и потребно е ЕУ од своја страна да овозможи и повеќе средства достапни на државите од ЗБ, но и јасен план за членство“, вели Маричиќ.

Македонија, според вицепремиерот за европски прашања, е една од поделикатните држави во регионот бидејќи, како што вели, сме имале „навистина специфичен, уникатен пат до ЕУ“.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

„Навистина тежок пат, оптоварен со билатерални прашања и со Грција и Бугарија, со долгогодишно чекање за почеток на преговорите; и сметам дека сите без исклучок сметаат дека Северна Македонија заслужува да ги продолжи преговорите што ги започна минатата година и во најкус можен рок да ги заврши и во првиот наредн бран на проширување на ЕУ да бидеме дел од тоа“, рече тој.

Маричиќ уверува дека земјава има сериозна поддршка за евроинтеграциите, а намерата на германскиот Бундестаг со неодамна усвоената Резолуција, вели, е да дадат видлива и јасна поддршка на нашиот евроинтеграциски пат, да испратат јасна порака до Македонците и македонските граѓани дека Германија стои зад нас и дека, како што вели тој, не постојат опасности по нашиот идентитет и јазик и по сите наши обележја во текот на преговорите со ЕУ.

„Мислам дека таа порака покрај Германија ја испратија јасно и сите други претставници. Така што, за нас имаше зборови на силна поддршка и поттик да се завршат сите обврски за да продолжиме успешно со преговорите“, заклучи вицепремиерот.

Прашан што конкретно е сработено на нашиот пат кон полноправното членство во Унијата, Маричиќ потсети дека од септември минатата година започна скрининг процесот кој, вели, ни помага да ја мобилизираме администрацијата и да направиме анализа до каде сме со законското усогласување, но и колку сме подготвени со институционалните капацитети за имплементација на обврските и во кој рок сме подготвени целосно да се усогласиме со ЕУ и стандардите на унијата. Според него, подготвеноста на земјава е на завидно ниво.

„Во тој процес на скринингот ги одговараме тие основни прашања и сметам дека можам да кажам дека сме навистина на завидно ниво на подготвеност. Тоа не значи дека сме спремни да влеземе утре, но дека имаме добра основа преговорите да ги завршиме во некој разумен рок од неколку години. Работиме и на три патокази кои се услов за отворање на првиот кластер кога ќе дојде моментот за почеток на поглавјата, односно за отворање на преговорите во следна фаза. И тука владеење на право, реформи во јавна администрација и функционирање на демократски институции, како три теми за трите патокази ни се приоритет, затоа што тие се најважните задачи кои се отвораат на почетокот на преговорите и остануваат до крајот“, истакна Маричиќ.

Извор: МИА

- Реклама -