Маричиќ за „оптимизмот“ на Ахмети: Членство во ЕУ за 3-4 години не е неостварливо, но треба да се биде реален

Наше е да се залагаме за што поскоро членство во ЕУ, но треба да се биде реален дека период од 3-4 години е прекраток за да се очекува дека земјава може да стане членка на ЕУ во толку краток рок, изјави вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ, прашан како го оценува „оптимизмот“ на лидерот на ДУИ – Али Ахмети. Сепак, Маричиќ смета дека во таков рок можеме, како што рече, многу да се доближиме до ЕУ.

„Ние ги започнавме преговорите минатата година, тие во просек траат четири до пет години. Така што тоа толку и не е неостварливо, ако работиме од двете страни. Секако дека мораме да бидеме оптимисти, но и реални. Владата зацрта цел до 2030 година да стане членка на ЕУ. Три-четири е многу скоро, но за три-четири години можеме да се поместиме многу во преговорите со ЕУ, доколку работиме и се разбира доколку ЕУ зацрта една агенда и тие три-четири години бидат искористени максимално, ќе бидеме неповратно отидени брзо кон членство“, вели Маричиќ.

Прашан што ќе му биде понудено на маса на лидерот на ВМРО ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на лидерската средба со премиерот и лидер на СДСМ – Димитар Ковачевски, Маричиќ рече дека не може да говори во името на Ковачевски, но очекува да бидат поставени сите прашања со уставните измени, да се разговара околу самиот текст и околу процесот како тие да се изведат најбрзо и наједноставно, со цел, како што рече, „да ги продолжиме преговорите и да ја отстраниме евентуалната блокада“.

„Мислам дека само дијалогот е најдоброто решение и пред да започне процедурата во Собрание логично е да седнат лидерите на најголемите политички партии да поразговараат. Владата ќе биде конструктивна и секогаш ќе биде конструктивна“, вели Маричиќ.

Она што е важно, вели, е опозицијата да ја сфати својата одговорност во носењето на овие одлуки.

„Тие ја пропуштија таа шанса за НАТО, за Преспанскиот договор, но еве им се дава прилика да не ја пропуштат овој пат, со тоа што овој пат текстот, содржините на измените, е далеку, далеку, да речеме со помала тежина и предизвикува помали проблеми во однос на тоа што било претходно“, рече Маричиќ.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Тој истакна дека не гледа ништо спорно во тоа во Уставот да се впишат уште неколку заедници „кои се и онака граѓани кои живеат во земјава“.

Од друга страна, Маричиќ е дециден дека доколку не се направат уставните измени, дефинитивно ќе биде испуштена шансата за влез во ЕУ.

„Има некое чувство кај дел од опозицијата дека не е битно кога ќе бидат измените и дека можат да се направат по три години и по четири години. Мислам дека тоа е едноставно губење на време коешто не можеме да го вратиме и коешто може да предизвика уште десет години да останеме во чекалната“, вели вицепремиерот за европски прашања.

Според него, сега е моментот кога се отвара патот кон ЕУ, при што посочи и дека тоа се пораките од Брисел, претседателката на Европската комисија и од сите останати, како што вели, добронамерни сојузници на нашата држава.

„Затоа реков, одговорноста на опозицијата е огромна и не може да се избегне. Знам дека би сакале најмногу некој друг да ги реши проблемите за нив, но дел од нив ќе мора да учествуваат во оваа одлука. Јас верувам дека ќе дојдеме до таа точка и нема да ја пропуштиме шансата“, додаде Маричиќ.

За понудата на Мицкоски за обединување на македонските политички партии со цел, меѓу другото, да се испрати ДУИ во опоизиција, Маричиќ оценува дека тоа е ништо повеќе од маневарски потег за купување време и за собирање на евтини политички поени.

„Мислам дека одговорноста на секоја политичка партија не може да се отстрани со коментирање и напаѓање на друга политичка партија. Време е Мицкоски и сите други во ВМРО-ДПМНЕ да се соочат со тоа дека имаме шанса да донесеме одлука заедно. Никој нема да биде обвинуван, бидејќи не го нарушува концептот на нашиот Устав, ниту на нашата држава, ниту го допира македонскиот идентитет“, рече Маричиќ.

За евентуални коалиции, додаде, може да се разговара понатаму, но најдобро ќе се постигне македонското национално единството доколку сите големи партии гласаат за уставните измени и го отворат пат кон ЕУ, смета тој.

Извор: МИА

- Реклама -