Маричиќ за вметнувањето на „албански јазик“ во Уставот: Сите прашања се вредни за разгледување, но ќе го комплицираат процесот

Вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ, на новинарско прашање, денеска ја коментираше најавата на министерот за правда Кренар Лога, дека на темата уставни измени ќе се дискутира и за вметнувањето на албанскиот јазик во Уставот, односно бришење на формулацијата „20 отсто“.

Маричиќ истакна дека не верува дека министерот за правда сакал да наметне нешто, бидејќи, како што вели, со него разговарал на оваа тема, туку смета дека е логично, кога се отвора прашањето за уставни измени, да се отворат и сите теми кои потенцијално би биле дискутирани за уставните измени.

„Лично сметам, а мислам дека тоа е став и на Владата, иако не сме разговарале, дека е логично да се фокусираме на оние обврски коишто произлегуваат од преговарачката рамка. Така имаме најдобри шанси за успех и најдобри шанси да успееме во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое дополнително прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека сега е вистинското време за тоа, зашто ќе земе и повеќе време и повеќе енергија, и ќе го комплицира процесот“, рече Маричиќи, со тоа оставајќи простор за овие прашања да се разговара по завршувањето на претстојниот циклус уставни измени.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Извор: МИА

- Реклама -