Маркињос: Во моментов играме без никаква самодоверба


Квалификациите не се лесни и ова е тешко време за нашата репрезентација, изјави бразилскиот фудбалер Маркињос по поразот од Парагвај со 0:1 на гостувањето во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Тоа беше веќе четврти пораз за Бразил во нивниот осми квалификациски настап и јужноамериканскиот гигант моментално е петти во поредокот со три победи, едно реми и четири порази.

Добра вест за Бразил е што дури шест репрезентации директно ќе се пласираат на Светското прввенство, додека седмопласираната ќе учествува во дополнителни квалификации.

„Нашиот тренер сѐ уште се обидува да го најде вистинскиот систем и начин на игра. Сево ова се одразува на нашата игра и резултат. Во моментов талкаме и што е најлошо играме без никаква самодоверба“, им призна на бразилските новинари дефанзивецот Маркињос.

Голот за Парагвај го постигна Диего Гомез во 20. минута, а во преостанатиот дел од натпреварот сите бразилски ѕвезди останаа недефинирани во нападот.

„Единствено што ни преостанува е да работиме напорно за да се подобриме. Ова е преоден период, има извесна промена на генерации и никогаш не е пријатно да се помине тоа“, додаде Маркињос.

Минатата година, во текот на октомври и ноември, Бразил имаше три квалификациски порази во низа, губејќи од Уругвај, Колумбија, односно Аргентина. Во моментов, секогаш напаѓачки моќниот Бразил има само малку повеќе од гол по квалификациски натпревар, постигнувајќи девет гола на осум настапи.

- Реклама -