„Се соочуваме со една појава на многу поголем број на позитивни со КОВИД -19 во овие денови отколку на почетокот на прогласување на пандемијата. Ова досега не е видено во ниедна држава во светот и навистина е тешко да се објасни“, вели во интервју за „Локално“ инфектологот и професор Вело Марковски, според кого не може да се зборува за втор бран бидејќи првиот бран воопшто не заврши (впрочем како што предупредуваше и директорот на СЗО за итни ситуации Мајк Рајан).
„Зошто имаме ваква една крива која долго трае и всушност оди во две фази, треба да се анализира“, вели тој, посочувајќи дека Комисијата за заразни болести премногу брзо ги менува одлуките:
„Можеби престрогите мерки ја држеа под контрола инфекцијата на 20-30 дневно нови позитивни, со позитивни од 2.000 што е многу мал процент на колективен имунитет од 0,1%. Ова мораше да се има во предвид – дека со престроги мерки ќе имаме многу неимунизирано население и дека во еден момент ќе мора да ги олабавиме мерките. Моментот кога ќе ги олабавиме мерките ќе имаме зголемување на позитивни ако не сме го отсраниле изворот на зараза, односно ако имаме нула нови позитивни дневно. Вакво нешто тешко се постигнува со горнореспираторна инфекција како што е КОВИД-19.
Од друга страна, и да постигневме нула новозаразени дневно, не можеме да седиме изолирани од светот, и повторно при првиот нов случај импортиран од некаде пак ќе имавме скок, поради тој низок колективен имунитет. Затоа, кога ги олабави мерките и се укина полицискиот час, Комисијата за заштита од заразни заболувања мораше да го има во предвид ова и да очекува зголемување на бројот на заразени. Но, за жал комисијата очекуваше да нема зголемување или да остане истиот број на новозаразени/позитивни и веднаш по појавата на зголемен број, панично се врати на моделот кој си го знае.
Сега повторно ќе го намалиме бројот, но во одреден момент, после недела, две, месец, два, ќе мора да се вратиме на нормала. И ако до тогаш вирусот природно не се повлече или не му се намали вирулентноста, тогаш како и сега повторно ќе имаме скок на позитивни. Значи така можеме да одиме до недоглед. При тоа мора да имаме во предвид дека веќе се исцрпени повеќето капацитети на државата (здравствените, економските, социјалните, безбедносните…).
Мое мислење е дека мораше да се остави последното ниво на олабавување на мерките без полициски час, но со држење социјална дистанца и забрана за масовни собири барем 2-3 недели. На тој начин ќе имавме вакво зголемување на бројот на позитивни, но здравствениот систем (кој мора да се појача и кадровски и финансиски) го издржува ова зголемување. За среќа иако имаме несомнено големо зголемување на бројот на новозаразени/позитивни, сепак бројот на умрените во просек е по 2 на ден“, вели Марковски, оценувајќи дека, сепак, треба да му се верува на министерот Венко Филипче дека епидемијата е под контрола:
„Министерот Филипче ги има сите податоци, сите информации, и треба да му се верува ако вика дека вирусот е под контрола. Но впечаток е дека се нема јасна концепција, пребрзо се менуваат мерките – од друга страна не се дава податок на болни и критични болни. Кај нас сите позитивни се водат како заразени, но ако се двојат колку од нив се болни (со симптоми) и колку од нив се во критична состојба, ќе можеме да извлечеме заклучок дали епидемиолошката состојба со КОВИД-19 кај нас е под контрола“, вели Марковски. ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ ТУКА.