Масло на огнот: САД ѝ „лапнаа“ брод со јаглен на Северна Кореја

Поради кршење на санкциите, САД заплениле севернокорејски товарен брод, објави во четвртокот американското Министерство за правда.

Заплената веројатно дополнително ќе ја зголеми тензијата меѓу двете земји, која повторно расте откако со неуспех заврши состанокот на Доналд Трамп и Ким Џонг Ун кој имаше за цел Трамп да ја убеди Северна Кореја да се откаже од спроведувањето на својата нуклеарна програма.

Запленетиот брод M/V Wise Honest пренесувал јаглен од Северна Кореја во други земји, како Кина, а САД го заплениле бидејќи сметаат, како и Обединетите нации, дека Северна Кореја го финансира нуклеарното оружје и развојот на балистички ракети токму со парите од недозволената продажба на јаглен.

Според високите претставници на Министерството за правда, оваа заплена е дел од американската кампања на „максимален притисок“ врз севернокорејската влада.

Прочитајте и:  По најавата за царини, Канада го потсети Трамп дека земјата има „суштинска улога во снабдување на САД со енергетски ресурси“

„Бродот со кој се кршеа санкциите сега е вон употреба. Министерството за правда длабоко е посветено на својата улога во создавање на максимален притисок против ставот на севернокорејскиот режим околу оружувањето”.

Бродот Wise Honest всушност беше запленет во април 2018-та од страна на индонезиската морнарица. Во јули истата година САД издадоа налог со кој се одобрува покренувањето на постапка за одземање на бродот.

Џефри Берман – државен советник на округот Њујорк, негира дека постапката на заплената има било каква врска со неуспешните преговори меѓу Трамп и Ким Џонг Ун, или пак со последните случувања во кои Северна Кореја тестираше проектили со краток домет.

„Работиме на заплената веќе со месеци, како што е наведено и во тужбата. Постапката нема никаква врска со неодамнешните активности на Северна кореја“, вели тој.

- Реклама -