Во недела на 18 август од 11.00 до 13.00 часот во Лабораториум ќе се одржи Мастерклас со Столе Попов: „Бекни бе, ќе ми снема лента“.
Модераторка е Илинденка Петрушева.
,,Во светот на филмот, величината на режисерот се остварува низ неговите визии, иновации и способноста да ги воведе гледачите во нови светови. Столе Попов е режисер којшто со своето уметничко кредо и креативност го обликува величието на филмот. Неговите филмови го менуваат начинот на кој го гледаме и разбираме светот околу нас. Столе Попов останува водечка фигура на современата кинематографија, во полна смисла на зборот, инспирирајќи ги следните генерации креативци, режисери и љубители на филмот. Сите негови филмски остварувања остануваат врежани во срцата и меморијата на гледачите, оставајќи трајни отпечатоци во културата и историјата на кинематографијата” , велат од МакеДокс
Столе Попов е роден во 1950 година во Скопје, НР Македонија. Во 1973 година дипломира филмска режија на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Во текот на студирањето има снимено 10 краткометражни студентски филмови.Од 1978 до 1988 година работи како режисер во „Вардар филм“, а од 1985 до 1986 година ја врши должноста директор на таа филмска куќа. Од 1989 година работи како професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и е раководител на катедрата по филмска режија.
Уште со своите први филмови (значи, оние од Академијата за филм во Белград) беше јасно дека ефектуираната способност на Столе Попов за таканареченото „филмско размислување“ во иднина ќе се најде пред бројни творечки предизвици.
Една од основните задачи на Кинотеката на Македонија е филмовите од националната продукција трајно да ги заштити и да ги направи достапни за широката културна јавност. За таа цел, во 2011 година, во годината кога Кинотеката го славеше својот 35-годишен јубилеј, првпат се реализира проект за дигитална реставрација на македонски филмови. Во проектот беа опфатени 7 филма на режисерот Столе Попов, играните ЦРВЕНИОТ КОЊ, СРЕЌНА НОВА ‘49, ТЕТОВИРАЊЕ и ЏИПСИ МЕЏИК, како и документарните филмови ОГАН, АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА и ДАЕ. Сите реставрирани филмови беа префрлени на ЛТО4 ленти, за нивно архивирање, како и за изработка на нов дубл-негатив и нови филмски копии.